Антителата земени од оние кои што го прележале коронавирусот можат да бидат лек за новозаразените од вирусот.

Меѓународниот тим научници од Техничкиот Универзитет во Брауншвајг и Центарот за инфективни истражувања, во списанието „Nature Communications“ објавиле студија за развојот на посебните антитела против коронавирусот.

Вирусниот имунолог во Центарот за инфектолошки истражувања во Германија, Лука Чичин-Шаин е убеден дека  коронавирусот наскоро ќе биде минато.

„Не станува збор за вакцината, туку за стратегијата која што во основа делува како лек, така што антителата можат да им се даваат на луѓето кои што се заразени од коронавирус, а не превентивно во вид на вакцина за луѓето да не се разболат“, изјавил докторот.

Чичин-Шаин исто така изјавил дека во основа направени се антитела какви што телото развива, а се земаат од поединци кои што прележале ковид-19, па се внесуваат во епрувета и потоа можат да им се даваат на другите луѓе кои што сè уште не развиле такви антитела, а со тоа се неутрализира вирусот и на тој начин се овозможува организмот да се одбрани од инфекцијата.

„Сигурно не сме првите кои што го развиле ова, има и други тимови. Познато е дека и Доналд Трамп ја добил таа терапија со антитела кога се разболе и тоа веројатно му помогна, но новоста е тоа што ние тие антитела ги добивме од серум на поединци уште пред да се појави пандемијата.

Станува збор за серуми кои што се добиени во 2018 и 2019 година, кога овој вирус сè уште не постоеше. Од нив успеавме да издвоиме антитела кои што го препознаваат вирусот, кои што се во состојба да го неутрализираат. И, тоа е вредноста на нашата идеја. Не треба да се чека некој да направи антитела за да ги издвоиме од заразените луѓе, туку можеме штом некоја пандемија се појави, користејќи ја оваа метода, да ги изолираме антителата од доброволци и многу брзо да почнеме да го развиваме лекот кој што може да го контролира вирусот. Поентата е во брзината на делување во новите пандемии“, нагласил Чичин-Шаин.

Извор: Srbija Danas