И една доза вакцина од Pfizer/BioNTech или AstraZeneca помага да се спречи развој на потешки форми на болеста за кои е потребна хоспитализација на лица со висок ризик постари од 80 години, покажаа првичните податоци од британско истражување.

Резултатите од истражувачкиот проект финансиран од компанијата Pfizer покажуваат дека ефикасноста од една доза од вакцината на Pfizer/BioNTech, која започна во Обединетото Кралство на 8 декември, беше 71,4 проценти две недели по вакцинирањето и спречи развој на тешка симптоматска форма на COVID-19 што може да резултира со хоспитализација на пациент чиј просечен животен век е 87 години.

Кога станува збор за вакцината на AstraZeneca, која започна да се воведува во Обединетото Кралство на 4 јануари, резултатите покажаа дека ефективноста на една доза по истите параметри е 80,4 проценти кај пациентите чија просечна возраст е 88 години.

„Овие првични резултати покажуваат дека британската програма за вакцинација против COVID-19 дејствува поуспешно отколку што се надевавме, рече Адам Фин, раководител на студијата на Универзитетот во Бристол.

Тој додаде дека резултатите покажале дека вакцините можат да го намалат развојот на потешки форми на вирусот кај постари лица кои припаѓаат на ризични групи и да го ублажат притисокот врз здравствените служби.