Бесплатен вебинар организиран од Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT
Сајбер-безбедноста е од клучно значење кога станува збор за размена на критични информации и податоци кои се доверливи и од особена важност. Со оглед на фактот дека повеќето организации се потпираат на е-пошта за своите деловни активности, напаѓачите ја користат е-поштата во обид да украдат чувствителни информации. Затоа е многу важно е-поштата да биде што е можно побезбедна. Но, како да се постигне тоа?
Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT со поддршка на DCAF – Geneva Centre for Security Sector Governance, организира бесплатен вебинар на тема „Безбедна комуникација по е-пошта“ кој ќе се одржи на 01.12.2020 со почеток во 10 часот.
Вебинарот ќе опфаќа објаснувања и презентации за повеќе прашања од областа: како да се спречи 81% од фишинг-напади, како да се овозможи DMARC, SPF и DKIM, кои се вообичаените грешки при конфигурација на е-пошта и многу повеќе. Ќе биде вклучена и лесна дискусија со цел овозможување на ефективно и практично учење и размена на искуства.
Само 20% од компаниите користат DMARC, SPF и DKIM, што може значително да ги намали фишинг-нападите. На овој вебинар, учесниците ќе можат да научат како да ги овозможат овие глобални стандарди против доменски измами.
Експерти од областа кои ќе учествуваат како предавачи на овој вебинар се г-дин Владан Бабиќ и г-дин Душан Вигњевиќ.
Г-дин Владан Бабиќ е искусен професионалец за информациона безбедност со повеќе од 10 години искуство во различни области на IT безбедност од јавниот и од приватниот сектор. Тој е тим лидер со искуство во креирање на одговорни и доверливи IR тимови. Има докажано знаење и искуство во: Incident Response to include APT evictions; Handling, Security Analysis, Automation, Purple Teaming, Team Building; Security Assessments; Risk Management; Security Policies and Procedures; Compliance & Audit; Continuity of Operations; Guidelines & Regulations; Security and Privacy Training and Awareness. Поседува ECIH, CASP, TOGAF, PDuty Incident commander и други сертификати.
Г-дин Душан Вигњевиќ е Cyber Threat Intelligence Lead во NCR Corporation со повеќе од 5 години искуство во индустријата за информациона безбедност. Магистер е по информатичко инженерство и поседува CISSP, GIAC GCTI, GIAC GDAT и SSCP сертификати. Неговите области на експертиза вклучуваат безбедност на информации, разузнавање на закани, одговор на инциденти, управување со инциденти и управување со ранливост. Тој има успешно спроведено неколку обуки за националната заедница CERT во Србија во рамките на регионалниот проект за сајбер-безбедност на DCAF.
Овој вебинар е само првиот од редица бесплатни онлајн вебинари кои ги организира Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT. Следуваат уште 3 вебинари од областа на сајбер-безбедноста во кои ќе бидат опфатени следните теми: безбедносни ризици за работа од дома, фишинг-напади и заштита и добри практики за сајбер-безбедност, овие вебинари ќе се одржат во текот на месец декември.
Приклучете се на бесплатниот онлајн вебинар на тема „Безбедна комуникација по е-пошта“ и зголемете го своето знаење! За да бидете дел од вебинарот, потребно е да се регистрирате тука.