Кина не може да го прифати планот на Светската здравствена организација за спроведување на втората фаза од студијата за потеклото на Ковид-19, изјави висок кинески здравствен службеник.

Ценг Јисин, потпретседател на Кинеската национална комисија за здравство, рече дека е шокиран од планот, а особено од теоријата дека вирусот може да потекнува од кинеската лабораторија, пренесува агенцијата АП.

Тој ја отфрли таквата теорија како шпекулација што е спротивна на здравиот разум и науката.

„Невозможно е да се прифати таков план за истражување на потеклото“, рече тој на прес-конференција.

АП пишува дека потрагата по потекло на вирусот стана дипломатско прашање што ги влоши односите на Кина со Соединетите Американски Држави и со многу американски сојузници.

Соединетите Американски Држави и некои други земји тврдат дека Кина не била транспарентна за тоа што се случило во првите денови на пандемијата, а, од друга страна, Кина ги обвинува критичарите за политизирање на прашања за кои тврдат дека треба да им бидат оставени на научниците.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Адананом Гебрејсус, минатата недела рече дека е прерано да се исклучи потенцијална врска помеѓу пандемијата и излегувањето на вирусот од лабораторијата во Вухан, кинески град каде што болеста беше откриена на крајот на 2019 година.

Ценг рече дека нема вирус во лабораторијата во Вухан што може директно да зарази луѓе и потсети дека тим меѓународни експерти, координиран од СЗО, кој ја посети лабораторијата на почетокот на оваа година, заклучи дека излегувањето на вирусот од лабораторијата е многу малку веројатно.