Вакцината Спутник V произведена од Институтот за научно истражување Гамалеја, на 11. август доби потврда за регистрација од руското Министерство за здравство и со тоа стана првата регистрирана вакцина против коронавирусот во светот.
Вакцината е базирана на платформа на хумани аденовирусни вектори, чии предности се безбедноста, ефикасноста и отсуството на долгорочни несакани ефекти.
Сепак, не секој може да ја прими вакцината против коронавирус.
Како што е наведено на веб-страницата „stopkoronavirus.rf“, вакцината не може да се дава на луѓе кои имаат туберкулоза, хепатитис Б и Ц, сифилис, ХИВ, тумор, акутен коронарен синдром, како и на лица кои имале мозочен удар во последната година. Исто така, оние кои планираат да имаат деца во следните три месеци треба да избегнуваат вакцина против коронавирус.
Бремените жени и доилките, како и луѓето кои се чувствителни на која било компонента на вакцината, не треба да се вакцинираат. Конечно, ако имате влошување на која било хронична болест, ќе мора да почекате да ви се смири здравствената состојба.
Луѓето кои патат од алергии можат да ја примат руската вакцина против коронавирусот „Спутник V“, но не во фаза кога се манифестира болеста, изјави директорот на центарот „Гамалеја“, Александар Гинкбург.
Според експертите, луѓето кои хронично страдаат од алергии пред вакцинацијата, треба да направат анализа на одредени крвни параметри – Ц-реактивен протеин и нивото на имуноглобулин од класа Е.
„Ако тие два индикатори се во границите на нормалните вредности, тогаш тие дефинитивно треба да се вакцинираат, така што луѓето со алергиски болести ќе можат да се вакцинираат“, рече Гинзбург.
Кога бремените жени ќе можат да се вакцинираат?
Во моментов, на бремените жени не им се препорачува да се вакцинираат со вакцината против коронавирус.
Александар Гинзбург, директор на Рускиот национален истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“, на крајот на декември 2020 година изјави дека Центарот планира за месец до месец и пол, да достави пакет документи за тестирање на вакцината „Спутник V“ на деца и бремени жени до Министерството за здравство.
Гинзбург за Спутник прецизираше дека испитувањата на вакцината врз деца и бремени жени ќе започнат само кога Министерството ќе ги одобри документите.
Како и вакцината на Фајзер и Бионтек, руската вакцина „Спутник V“ нема да им се препорачува на овие категории на население во наредниот период.
Алкохол и вакцина
Во последниве недели се пишуваше многу за тоа дека луѓето кои сакаат да се вакцинираат со „Спутник V“ не треба да консумираат алкохол пред и по вакцинацијата.
Директорката на Федералната служба за фитосанитарен надзор на Руската Федерација (Роспотребнадзор), Ана Попова, изјави дека најмалку две недели пред имунизацијата е „апсолутно неопходно“ да престанете да пиете алкохол, како и дека 42 дена од првата инјекција е периодот на формирање на имунитет, така што во текот на тој период треба да се грижите за себе.
Александар Гинзбург, лекар, кој е на чело на Институтот Гамалеј каде што е развиена вакцината „Спутник V“, негираше дека станува збор за апсолутна забрана за консумирање алкохол, но дека е потребно разумно ограничување во овој поглед се додека организмот не формира сопствен имунолошки одговор на коронавирусната инфекција.
Тој посочи дека е важно да се воздржувате од алкохол најмалку три дена по секоја доза и дека прекумерната консумација на алкохол може да го оштети имунитетот и да влијае на ефективноста на секоја вакцина, не само на оние против коронавирусот.
Несакани ефекти
Како несакани ефекти по примањето на руската вакцина против коронавирусот, може да се појави благо чешање и црвенило на местото на убодот, краткорочно зголемување на телесната температура, како и чувство на слабост.
Пред вакцинацијата, лекарот ќе го прегледа пациентот кој сака да се вакцинира и ќе му ја измери температурата. Ако е повисока од 37 степени, имунизацијата ќе се одложи. По вакцинацијата, здравствениот работник ќе ја следи состојбата на пациентот во следните половина час.
Така, несаканите ефекти и процесот на следење на пациентот се исти како при примање на која било друга вакцина, не само онаа против коронавирусот.