Во извештајот на Европската вселенска агенција (ЕСА), објавен во стручното списание Cryosphere, научниците предупредуваат дека мразот на нашата планета се топи со рекордна брзина, како резултат на климатските промени.

Авторите на студијата посочуваат дека во светот се стопиле околу 28 илјади милијарди тони мраз во периодот од 1994 до 2017 година, што е еквивалентно на блок со дебелина од сто метри и големина на Велика Британија.

Научниците презентираа и податоци според кои оваа количина на мраз, доколку се формираат во коцка, би достигнала висина поголема од Монт Еверест.

Во текот на 23-годишното истражување, истражувачите забележале скоро 60 проценти глобално зголемување на стапката на топење на мразот.

„Бевме изненадени кога видовме толку голем пораст за помалку од 30 години“, рече коавторот на студијата Томас Слејтер, глациолог од британскиот универзитет во Лидс. Од 2012 година, стапката на топење на мразот на Антарктикот е тројно зголемена во споредба со претходните две децении.

Во текот на 90-тите години, годишно се топеле околу 0,8 илјади милијарди тони мраз, а до 2017 година тој број достигна дури 1,2 илјади милијарди годишно.

На глобално ниво, атмосферските температури се зголемија за околу 1,1 степени Целзиусови во споредба со прединдустрискиот период, но на Арктикот стапката на затоплување се зголеми за двапати повеќе од светскиот просек во последните 30 години.

Новите студии покажуваат дека станува збор за се поверојатно сценарио од кое научниците најмногу стравувале. Ако процесот продолжи со исто темпо, многумина сметаат дека постои можност Арктикот да биде практично без мраз до 2035 година.

Топењето на мразот на Антарктикот и Гренланд и на планинските глечери во последните триесет години имаше ефект на зголемување на просечното глобално ниво на морето за 3,5 сантиметри. Слејтер предупреди дека зголемувањето на нивото на морето во овој век ќе има многу сериозно влијание врз животот на крајбрежното население.

Истражувачите на ЕСА дојдоа до анализа на глобалните податоци за сателити и ги поврзаа резултатите од нивното истражување со студии спроведени на копното на поларните региони и со истражување на 215.000 планински глечери.

Геологот Габриел Вокен од Одделот за геолошки и геофизички истражувања на Алјаска, коавтор на Арктичкиот извештај за 2020 година објавен во декември, кој не учествувал во студијата, вели дека жителите на Алјаска се „многу свесни“ за загубата на мразот, бидејќи „ги гледаат промените речиси секој ден, и тоа со голо око“.

Извор: N1info.com