Секвенционирана е најстарата ДНК на светот од заб на мамут кој лутал низ сибирската степа пред повеќе од милион години.
Ова е првпат некоја ДНК да е успешно детектирана од остатоци од животински видови стари повеќе од милион години. Претходно, најстариот примерок на ДНК му припаѓал на коњ кој живеел пред 560.000 до 780.000 години.
Новите податоци за гигантот од леденото доба откриваат како мамутите се развивале и прилагодувале на животот во студена клима. Исто така, врз основа на овие податоци можат да се откријат и некои досега непознати видови мамути.
„Оваа ДНК е неверојатно стара. Примероците се илјада пати постари од остатоците од Викинзите“, рекол Лове Дален, професор по еволуциска генетика во Центарот за палеогенетика во Стокхолм.
Меѓународен тим истражувачи успеал да изолира ДНК од катници на 3 одвоени мамути, собрани на подрачјето на Сибир во 1970-те години. Анализата открила дека најстариот заб му припаѓал на мамут кој живеел помеѓу 1,2 и 1,6 милиони години.
На подрачјето каде биле пронајдени заби од мамути била извршена биостратиграфија, што претставува метода во која научниците го проценуваат присуството на фосилни остатоци на живиот свет во слоевите на карпите. Со оваа метода било исто така утврдено дека забите припаѓале на мамути кои живееле пред повеќе од милион години.
Извор: Klix.ba