Вулканот Крафла со своето големо кратерско езеро со тиркизна боја, облаци од чад и базени од сулфурна кал е едно од најимпресивните природни чуда на Исланд.
Група меѓународни истражувачи во североисточен Исланд се подготвуваат да дупчат два километри во срцето на вулканот. Целта на овој „жилверновски“ проект е да се изгради првата подземна опсерваторија на магма во светот.
Проектот вреден 100 милиони долари беше лансиран во 2014 година, а првото дупчење треба да започне во 2024 година. Во него учествуваат научници и инженери од 38 истражувачки институти и компании од 11 земји, вклучувајќи ги САД, Обединетото Кралство и Франција.
Нивната намера е да дупчат дупка до магматската комора во вулканот.
За разлика од лавата што еруптира на површината, магмата, стопениот карпест материјал под површината на Земјата, сè уште е мистерија за научниците.
Опсерваторијата во Крафла ќе биде прва од ваков вид во светот, изјави Паоло Папале, вулканолог од италијанскиот Национален институт за геофизика и вулканологија INGV.
„Никогаш не сме ја проучувале подземната магма, освен кога случајно сме налетале на неа додека дупчиме“ во вулканите на Хаваи, Кенија и во самата Крафла во 2009 година, додаде Папале.
Научниците се надеваат дека проектот ќе направи голем напредок во искористувањето на геотермалната енергија и ќе го продлабочи знаењето за предвидување на вулкански ерупции и ризици.
Клучно е да се знае каде се наоѓа магмата за да бидеме подготвени за ерупција, рече Папале. „Без тоа, ние сме речиси слепи“, додаде тој.
Како и многу научни достигнувања, опсерваторијата на магма е резултат на неочекувано откритие.
Кога инженерите работеа на проширување на геотермалната централа Крафла во 2009 година, огромен сврдел случајно проби магматски џеб на длабочина од 2,1 километри.
Од издлабената дупка се издигна чад, а потече и малку лава и ја оштети опремата за дупчење. Сепак, немаше ерупција ниту пак некој е повреден.
Вулканолозите тогаш сфатија дека се на дофат на магматска комора, за која проценуваат дека содржи околу 500 милиони кубни метри магма. Научниците беа изненадени кога открија магма на толку плитка локација. Тие очекуваа дека ќе треба да дупчат најмалку до длабочина од 4,5 километри пред да стигнат до неа.
Последователните студии покажаа дека откриената магма има слични својства на ерупцијата на Крафла во 1724 година, што значи дека е стара најмалку 300 години.
„Ова откритие потенцијално може да значи огромно подобрување во нашата способност да разбереме многу различни нешта – од потеклото на континентите до динамиката на вулканите и геотермалните системи“, рече Папале воодушевено.
Случајното откритие на магма беше корисно и за Landsvirkjun, исландска енергетска компанија која управува со тамошната електрана.
Кога е толку блиску до течна магма, карпата достигнува толку екстремни температури што течностите стануваат „суперкритични“, односно се во агрегатна состојба помеѓу течна и гасовита.
Енергијата произведена таму е пет до 10 пати помоќна од онаа што се произведува во конвенционалните бунари за геотермални централи.
Температурата на пареата што изби на површината за време на инцидентот во 2009 година беше 450 степени Целзиусови, што е највисока забележана температура на вулканска пареа.
Два такви „суперкритични“ бунари би биле доволни за производство на 60 мегавати електрична енергија, колку што на постоечка геотермална централа и се потребни 18 бунари.
Затоа, Landsvirkjun се надева дека овој меѓународен проект „ќе доведе до нови технологии за да можеме да дупчиме подлабоко и да користиме енергија што досега не беше возможна“, рече Вордис Ериксдотир, шеф на одделот за геотермални операции и управување со ресурси на компанијата.
Дупчењето во таква екстремна средина е технички барано. Опремата мора да биде отпорна на корозија создадена од екстремно топла пареа.
Можноста дека потфатот може да предизвика вулканска ерупција е нешто за што треба да се грижи, се разбира, вели Џон Ајхелбергер, геофизичар од Универзитетот во Алјаска и еден од иницијаторите на проектот Крафла. „Но, тоа е како да боцнете слон со игла“, додаде тој.
„Магмата е откриена во десетина бунари на три различни места низ светот и ништо лошо не се случило“, рече Ајхелбергер.
Извор: hr.n1info.com