Apple во текот на викендот ги предупреди корисниците да ги ажурираат своите iPhone, iPad и Watch уреди, пред да започнат со пребарување на интернет. Компанијата ги објави iOS 14.4.2, watchOS 7.3.3 и iPadOS 14.4.2 ажурирањата, за да ја отстрани ранливоста, која може да претставува активна закана за безбедноста.

Apple не беше првиот кој ја откри оваа закана, а тоа го направија Clement Lecigne и Billy Leonard од Google Threat Analysis Group. Apple не објави премногу детали, што е вообичаено пред да се спроведе интерна истрага на проблемот.

Компанијата истакна дека е свесна за проблемот, како и за фактот дека можел да биде активно експлоатиран.

Apple моментно работи на поголемо софтверско ажурирање на софтверот во вид на iOS 14.5, што ќе имплементира голем број безбедносни ажурирања, така што објавата на оваа сигурносна исправка неколку недели порано значи дека откриениот проблем е од посериозна природа.

Оние што немаат вклучено автоматско ажурирање или не ја гледаат пораката за ажурирање на системот, можат да одат во Settings > General > Software Update на своите iPhone и iPad уреди за да го почнат процесот на ажурирање.