Новото истражување на европските научници ја потврди важноста на крвната група во одредување на ризикот во тежок облик на Ковид-19, но откриени се и други фактори во крвта кои укажуваат на нивото на тој ризик.

На почетокот на пандемијата беше откриено дека постарите лица, прекумерната тежина и пушењето го зголемуваат ризикот од развој на тешка форма на болеста. Ова потоа влијаеше врз одлуките за јавното здравје бидејќи постарите лица имаа приоритет при вакцинирањето.

Но, има и други биолошки фактори вклучени во ковид-19 што се помалку разбрани. Размислете, на пример, илјадници протеини со различни функции кои циркулираат во човечката крв. Некои играат улога во одбраната на телото од вируси, други пренесуваат молекули низ телото или дејствуваат како гласници за дистрибуција на информации.

Преку овие функции, овие протеини можат да влијаат врз развојот и сериозноста на ковид-19 и што е најважно – не сите ги имаме во исти количини.

Ова е причината зошто луѓето развиваат различни форми на ковид-19: некои имаат течење на носот или температура, додека други имаат тешки симптоми и мора да одат во болница. На неколку несреќници може да им треба интензивна нега, а во најтешките случаи некои може да умрат.

Бидејќи бројот на протеини во човечкото тело е толку голем, тешко е да се одредат точните протеини и биолошки системи што ги предизвикуваат овие различни исходи. Сепак, тоа беше целта на тимот на европски научници, предводен од Алиша Палмос од Кралскиот колеџ во Лондон.

Тимот истражуваше повеќе од 3.000 крвни протеини во новата студија објавена во научното списание „ПЛОС Џенетикс“ користејќи техника наречена рандомизација на Мендел. Овде наместо директно да се измери нешто што се смета дека има ефект врз болеста (во овој случај протеин во крвта) и потоа да се утврди дали нивото е поврзано со тежината на болеста, се анализирале и испитувале варијациите во гените што влијаат врз нивото на супстанцијата и како тоа влијае врз исходот на болеста.

Ако директно се погледнат нивоата на протеини во крвта, не можете да бидете сигурни дека другите надворешни фактори, како што се изборот на начин на живот или дури и заболување од ковид-19, не влијаат врз нив во моментот на мерењето.

Гените, од друга страна, не се менуваат во текот на животот. Затоа тие овозможуваат посигурна идентификација на луѓе со високи и ниски нивоа на супстанции од интерес, со што се обезбедуваат поцврсти процени за тоа како нешто како протеин во крвта влијае врз болест како што е Ковид-19.

Тимот најпрвин морал да идентификува кои гени се поврзани со различни крвни протеини. Научниците го направиле тоа со гледање на резултатите од истражувањето на асоцијацијата на ниво на геном. Ова е голема студија која се занимава со генски и биолошки разлики меѓу многу луѓе, со цел да се следат врските помеѓу генските варијанти и одредени карактеристики.

Исто така, можеле да ги следат врските помеѓу генот и ризикот од развивање тешка клиничка слика од Ковид-19.

Анализирајќи ги сите овие податоци, тимот идентификуваше неколку протеини кои потенцијално го зголемуваат или намалуваат ризикот од тешка форма на ковид. На пример, тие открија дека зголемените нивоа на протеинот наречен FAAH2 може да го зголемат ризикот на некој да му треба болничко лекување. FAAH2 предизвикува клетките да ги апсорбираат и деактивираат супстанциите наречени ендоканабиноиди. Овие супстанции имаат антиинфламаторно дејство, а студиите посочуваат дека тие би можеле да се користат како третмани за ковид-19. Ова би објаснило зошто е проблематично да има повеќе протеини кои ги отстрануваат, бидејќи тоа потенцијално ја намалува способноста на телото да го контролира воспалението предизвикано од Ковид-19.

Друг влијателен протеин што го идентификуваа научниците беше ензимот АБО. Тој ја одредува крвната група на една личност. Споменатата нова студија покажа дека повисоките нивоа на АБО-ензими се чини дека го зголемуваат ризикот од хоспитализација и последователна потреба за интензивна нега.

Претходните помали студии покажаа дека крвната група А е почеста кај луѓето со тешка форма на ковид. Наодите од новото истражување го потврдуваат тврдењето дека ензимот-АБО и крвната група влијаат врз сериозноста на Ковид.

Ковид-19, исто така, може да предизвика васкуларна болест. Меѓутоа, една нова студија покажа дека протеините што привлекуваат бели крвни зрнца на ѕидот на крвните садови изгледаат како да штитат од тешка клиничка слика. Одамна е познато дека привлекувањето повеќе бели крвни зрнца го подобрува имунолошкиот одговор на ѕидовите на крвните садови и се чини дека ова помага во борбата против инфекцијата.

Идентификувањето на овие ризик-фактори може да им помогне на научниците да развијат нови терапии, бидејќи овие протеини би можеле да бидат таргетирани од нови лекови (или постојни кои се пренаменети). Исто така, овозможува да се состави листа со протеини на кои други истражувачи може да им дадат приоритет, така што биолошките ризик-фактори за Ковид-19 може дополнително да се разберат во иднина.

Извор: Zimo.hr