Dell пред почетокот на годинашниот CES 2021 саем ја најави линијата лаптопи за 2021. година. Една од новите функции за Latitude 9000 серијата може да им овозможи на корисниците поголемо чувство на безбедност кога работат или учат од дома.

Latitude 9420 и Latitude 9520 лаптопите доаѓаат со функцијата наречена SafeShutter. Dell истакнува дека се работи за првиот индустриски затворач за веб-камери, кој може да се отвора или затвора самостојно, во зависност од синхронизацијата со апликациите за видео конференции.

Покрај ова, новите модели на лаптопи имаат и надградба на процесорот, па сега се присутни Intel Core vPro процесори од 11. генерација. Детали за 9520 моделот не се објавени, но Dell истакнува дека Latitude 9420 ќе пристигне со подобрувања за работата од дома. Тука се и подобрите вградени звучници, подобрувања на камерата, вклучувајќи ја автоматската корекција на светлото и позадинското заматување.

Новата лаптоп серија Latitude 9000 е достапна во преклоп или 2-во-1 конфигурација (која има 5G или 4G LTE и eSIM опции). Latitude 9420 ќе биде достапен за продажба напролет, со почетна цена од 1949 американски долари, додека деталите за Latitude 9520 моделот ќе бидат познати подоцна.

За оние кои сакаат лаптоп со голем екран, Dell го нуди новиот Latitude 7520. Уредот има 15-инчен 4K UHD дисплеј, со опционална камера со висока резолуција. Лаптопот ќе се најде на пазарот од 12 јануари, по цена од 1049 долари.