Nintendo одлучи да ги израдува сопствениците на старите Wii U конзоли објавувајќи официјален софтверски апдејт, прв пат од 2018 година. По речиси две и пол години, корисниците ќе можат да го унапредат софтверот на оваа конзола од верзијата 5.5.3 на 5.5.5.
Не можеме точно да кажеме што е подобрено, бидејќи во официјалното соопштение, оваа информација е внимателно „завиткана“ . Во него се вели дека е подобрена стабилноста на системот и дека некои помали грешки се исправени со цел да се подобри корисничкото искуство. Сепак, сопствениците на Wii U конзолите можат да потврдат дека стабилноста на системот отсекогаш била на високо ниво и ретко кој може да се пожали дека имал проблеми со стабилноста на Wii U. Ако ништо друго, добро е да се слушне дека некој се грижи и за тоа.
Сепак, мора да признаеме дека оваа закрпа е големо изненадување за сите. Nintendo го „напушти“ Wii U во корист на исклучително популарната Nintendo Switch конзола, а многу игри беа пренесени од старата на новата конзола. Меѓу нив се хитовите како Mario Kart 8, Donkey Kong Country: Tropical Freeze, Pikmin 3, како и неодамнешниот порт – Super Mario 3D World. Од друга страна, сè уште постојат неколку ексклузиви за Wii U, кои го задржуваат вниманието на гејмерите. Тоа се The Legend of Zelda: Wind Waker HD, The Legend of Zelda: Twilight Princess HD и Xenoblade Chronicles X.