Повеќето апликации за оперативниот систем на Google се корисни или барем забавни. Но, има и злонамерни.
Иако ситуацијата е подобрена во последниве години, сè уште е можно да се најде софтвер во продавницата за апликации на Google Play што не е безбеден и може да се злоупотреби за следење и хакирање на вашиот уред, како и за обиди за измама.
Еве преглед на некои од нив.
QuickPic Gallery
Фото галеријата, со пристојно голема корисничка база, беше преземена од кинеската компанија Cheetah Mobile во 2015 година и почна да ја користи за пренос на кориснички податоци на сопствените веб-сервери.
Апликацијата беше отстранета од Play Store во 2018 година, но повторно се појави во 2019 година. Денес има стотици верзии, па тешко е да се разликува која е оригиналната. Затоа, најдобро е воопшто да не ја инсталирате.
ES File Explorer
Некогаш една од најпопуларните апликации за управување со датотеки, сега е полна со bloatware и adware, и постојано се обидува да ве измами да преземате дополнителни апликации.
Беше исфрлена од Play Store во 2019 година поради рекламна измама. Имено, апликацијата автоматски кликала на реклами без знаење на корисникот. Избегнувајте ја во која било форма.
UC Browser
Најпопуларниот веб-прелистувач за телефони во Кина и Индија ги испраќа барањата за пребарување на корисниците до Yahoo India и Google без заштита од шифрирање. Исто така, без енкрипција испраќа IMSI и IMEI броеви, Android ID и MAC адреса на Wi-Fi до алатката за аналитика на Alibaba, Umeng, и податоци за геолокација на корисниците до алатката за мапирање на Alibaba AMAP.
CLEANit
Иако е инсталиран десет милиони пати и има 85 отсто четворки и петки меѓу оценките, овој „чистач“ треба да се избегнува бидејќи тоа што го прави повеќе му штети отколку што му користи на вашиот паметен телефон, пишува Make Use Of.
Hago
Самата апликација за разговор и игри во реално време не претставува безбедносен ризик. Но, нуди можност да заработите пари со играње и учество, што може да биде сомнително. И фактот што нуди стимулации за инсталирање надвор од Play не влева доверба.
DU Battery Saver & Fast Charge
Друга апликација со огромен број преземања и позитивни критики (7,6 милиони со рејтинг од пет) е проблематична бидејќи не може да влијае на брзината на полнење на вашиот уред, (иако тврди дека може). Но затоа ве бомбардира со реклами и лажни графики за тоа што прави и како функционира. Отстранета е од Play Store во април 2019 година.
Dolphin Web Browser
Веб-прелистувачот без реклами со поддршка за Flash и HTML 5 собра повеќе од 50 милиони преземања. Но, ве следи и испраќа податоци за вас без ваше знаење и дозвола, вклучително и оние за анонимно сурфање. И дури и ако користите виртуелна приватна мрежа, таа ќе ја открие адресата доделена на вашиот уред од вашиот интернет-провајдер. Избриши ја веднаш.
Clean Master
Пред да биде отстранета од Play Store во 2019 година, оваа апликација имаше 600 милиони корисници и 26 милиони прегледи со одлични оценки. Но, зад него е Cheetah Mobile, што значи тони реклами, вишок софтвер и ве поттикнуваат да инсталирате други апликации.
Освен тоа, не прави ништо корисно – Android веќе подолго време прави прилично добра работа со оптимизирање на управувањето со меморијата на вашиот паметен телефон.
Затоа, треба да ја избегнувате. Како и практично сите антивирусни апликации, освен ако немате намера да инсталирате софтвер надвор од Play Store или да дозволите бесплатен пристап до клучните делови на Android на вашиот паметен телефон.