Претходно оваа година, Илон Маск и понуди на Википедија милијарда долари доколку го промени името во Дикипедија.
Откако Илон Маск го презеде Твитер пред повеќе од една година, многумина ги критикуваа многуте потези на новиот сопственик. Од масовни отпуштања, во кои беа вклучени и вработени за модерирање на содржината, до промена на името од Twitter во X.
Иако Маск веројатно не е загрижен за негативниот став на јавноста, многу потешко му било што сите промени и потези кои ги направил не беа добро прифатени од огласувачите, па многу од нив ги повлекоа своите рекламни кампањи од таа мрежа, што значи помалку приход за оваа платформа.
Маск неодамна доби нови критики од основачот на најголемата онлајн енциклопедија во светот – Википедија. Зборувајќи за влијанието на стекнувањето на Твитер од Маск на пазарот на социјалните медиуми, Џими Вејлс им рече на новинарите на CNBC на Веб самитот дека го гледа тоа како голем проблем.
„Мислам дека многу луѓе го напуштаат Твитер“, а особено нагласи дека „промислените и сериозни“ луѓе ја напуштаат оваа социјална мрежа.
Вејлс се согласува дека Твитер е, на некој начин, јавен плоштад во светот, но тој е преземен од тролови и лудаци, што не е добро за никого.
Новинарите на CNBC се обратија до платформата X за коментар, но не добија одговор, иако нема сомнеж дека Маск би можел да му одговори на Вејлс преку својот X профил и да му даде до знаење што мисли за неговите критики за мрежата.
Односите меѓу Маск и Вејлс и онака не се на високо ниво.
Минатата година Маск ја обвини Википедија дека е пристрасна кон левицата, а нивото на меѓусебно почитување меѓу првиот човек на Тесла и платформата Х и Вејлс најдобро покажува неодамнешната изјава на сопственикот на Твитер, т.е. X кој и понуди на Википедија милијарда долари доколку го смени името во – Дикипедија.
Инаку, и самиот Џими Вејлс има планови за пазарот на социјалните мрежи, па на почетокот на оваа година лансираше пилот проект наречен Trust Caffe. Тој ја замислил како „заедница на кредибилни луѓе“ финансирана не од реклами, туку од доброволни членарини и треба да објавува само квалитетни содржини засновани на вистината, а не на „вирална популарност“.