Познато е каде на Земјата може да паднат делови од кинеската ракета (ВИДЕО)

пред 3 години

Повеќето остатоци од големата кинеска ракета за кои се очекува дека викендов ќе се вратат во атмосферата ќе изгорат при враќањето и, најверојатно, нема да предизвикаат штета, рече денеска портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин. Астрофизичар од „Харвард“ даде свои процени за местото на кое би паднала ракетата.

Локацијата на влегување на ракетата во Земјината атмосфера може да се одреди само неколку часа пред нејзиното влегување од вселената во Земјината атмосфера, соопшти Американската вселенска команда.

Говорејќи во Пекинг, Ванг Венбин рече дека Кина внимателно го следи враќањето на ракетата во атмосферата и дека повеќето од нејзините компоненти ќе бидат изгорени по враќањето.

„Можноста овој процес да предизвика штета на површината е исклучително мала“, рече тој.

Остатоците од ракетата „Лонг март 5Б“, најверојатно, ќе паднат во меѓународните води, објави кинескиот „Глобал тајмс“.

Со оглед на моментната траекторија на ракетата, остатоците, најверојатно, ќе паднат во северната хемисфера во висина на Њујорк, Мадрид или Пекинг, а јужно во Чиле или Велингтон или некаде помеѓу нив, рече астрофизичарот од „Харвард“, Џонатан Мекдауел.

Шефот на Пентагон, Лојд Остин, во четвртокот изјави дека Американците нема да ја уништат кинеската ракета индиректно критикувајќи го Пекинг дека изгубил контрола.

Според американските медиуми, ова не е првпат Кина да ја изгуби контролата над леталата при нивното враќање на Земјата. Во април 2018 година вселенската лабораторија „Тијангонг-1“ се распадна додека минуваше низ атмосферата две години откако престана да работи. Кинеските власти тогаш негираа дека изгубиле контрола над лабораторијата, пишуваат светските медиуми.

Share
Scroll to Top