Huawei тивко ја претстави својата фитнес нараквица Huawei Band 6, која дебитираше во Малезија. Уредот пристигнува како наследник на Band 4 моделот од 2019 година, што значи дека Huawei ја прескокна ознаката Band 5.
Новата паметна алка има димензии од 43 x 25,4 x 10,99 мм и тежи 18 грама. Huawei Band 6 користи 1,47-инчен AMOLED екран осетлив на допир, кој нуди резолуција од 368 x 194 пиксели.
Нараквицата има хардверско копче за пристап до различни функции и Bluetooth 5.0 BLE поддршка која овозможува спарување со Android 6.0 или iOS 9.0 и поновите уреди. Според Huawei, Band 6 може да трае околу две недели со едно полнење. Исто така, со само пет минути полнење, се овозможува дводневно користење на нараквицата.
Кога станува збор за функциите на здравјето, Huawei Band 6 има опција за следење на работата на срцето, следење на спиењето и стресот, SpO2 сензор и 96 режими на вежбање. Нараквицата може да служи и како личен асистент, бидејќи прикажува известувања за повици и пораки од поврзаните телефони, како и информации за времето, контрола на музика и друго.
Huawei Band 6 има цена од околу 50 долари и доаѓа во Graphic Black, Amber Sunrise и Forest Green варијанти на бои.