Секоја година, Музејот на игри ги избира најдобрите од најдобрите во Куќата на славните за видео игри. Ова се овогодинешните победници.
Откако е основана Светската куќа на славните за видео игри во 2015 година во рамките на Музејот на игри во Њујорк, секоја година во својот состав вклучува видео игри кои ја одбележаа сцената со своето значење и популарност.
Оваа година четири видео игри ја добија оваа чест – Legend of Zelda: Ocarina of Time, Ms. Pac-Man, Dance Dance Revolution и Sid Meier’s Civilization.
Congratulations to the 2022 World Video Game Hall of Fame Inductees—Ms. Pac-Man, The Legend of Zelda: Ocarina of Time, Dance Dance Revolution, and Sid Meier’s Civilization! pic.twitter.com/bYzanU3uSz
— The Strong Museum (@museumofplay) May 5, 2022
Како што објаснија при објавувањето на резултатите, видео играта „Ocarina of Time“ има освоено неколку награди откако беше објавена во 1998 година. Таа е особено пофалена за самата приказна, исклучителниот 3D свет, сложените задачи и борбената механика. Денешните развивачи на видео игри често ја нарекуваат оваа игра како инспирација за нивните сегашни игри.
Ms. Pac-Man е создадена од оригиналната и добро позната игра Pac-Man, а покрај нови ликови, на играчите им обезбеди и пософистицирани лавиринти, нови противници и предизвици. Исто така, токму Ms. Pac-Man се смета за првиот широко признат женски главен лик во видео игрите.
Dance Dance Revolution лансираше цела категорија музички игри и ја отвори вратата за хитови како Guitar Hero и Rock Band. Од самиот почеток беше исклучително популарна во целиот свет, а ја играа сите – од најмали до највозрасни.
Играта Sid Meier’s Civilization е една од највлијателните симулации и стратешки игри на сите времиња, истакнуваат во Куќата на славните на видео игрите. Благодарение на големиот број можности што играчот може да ги користи за време на играта, Sid Meier’s Civilization овозможи на секој играч уникатно искуство.
Инаку, Музејот за игри, кој ја промовираше Куќата на славните за видео игри, истакнува дека овогодинешните финалисти биле Assassin’s Creed, Candy Crush Saga, Minesweeper, NBA Jam, Resident Evil, Rogue и Words with Friends.