Руските научници имаат намера да се борат против ширењето на пластичниот отпад со помош на неверојатните способности на восочните молци (Galleria mellonella), пишува агенцијата РИА „Новости“.

Ларвата на овој инсект, благодарение на ензимот развиен во текот на еволуцијата, научила да преработува полимери како полиетилен, па може буквално да јаде пластични кеси. Колку за илустрација, сто ларви од овие молци за 10-12 часа јадат околу 100 грама пластика.

„По секвенционирањето на ДНК, во научните институти ќе се обидеме да го синтетизираме овој ензим. Од добиената супстанца ќе развиеме раствор со кој ќе може да се прелие пластичниот отпад и на тој начин да се ослободиме од него“, рече Евгениј Попов, главен истражувач во лабораторијата за биотехнологија на технопаркот „Јакутија“ во Јакутск.

За да го направат ова, научниците планираат да создадат колонија која би требало да опфаќа меѓу сто илјади и неколку милиони единки. Се очекува растворот да биде готов следната година.

Извор: Russia Beyond