Еден хакер тврди дека лозинката „123456“, користена од ИТ компанија, му овозможила пристап до личните податоци на 8,8 милиони луѓе кои се наоѓаат во данскиот национален регистар на население.
Во безбедносниот инцидент била вклучена компанијата „Pays ApS“ – данска фирма за ИТ и услуги поврзани со податоци, која имала овластен пристап до централниот регистар на население во земјата, познат како CPR.
Данските власти потврдија дека некој го искористил легитимниот пристап на компанијата за да дојде до имиња, адреси, лични идентификациски броеви и други информации. Од „Pays“ подоцна потврдија дека нивниот пристап бил компромитиран.
Овој инцидент се надоврзува на други големи безбедносни пропусти поврзани со услуги од трети страни, вклучително и хакерскиот напад во октомври врз „бот“-от Double Counter на Discord, при што беа изложени IP-адресите на милиони корисници.
Според порталот The Register, лицето кое ја презема одговорноста изјавило за данскиот весник Politiken дека пристапот му бил овозможен преку корисничка сметка заштитена со лозинката „123456“.
Politiken објави дека најмалку три кориснички сметки во компанијата ја користеле оваа лозинка, вклучително и една администраторска сметка. Наводниот хакер изјави дека нема намера да ги продава или објавува податоците.
Компанијата „Malwarebytes“ објави дека првичниот пристап, наводно, потекнува од протечена лозинка поврзана со поранешен вработен во „Pays“. Компанијата нудела услуги кои им овозможувале на клиентите да вршат проверка на податоци во рамките на CPR, како што се ажурирање на адреси и идентификување на починати лица.
Документи до кои дојде данскиот јавен сервис „TV 2“ покажуваат дека напаѓачот добил пристап на 10 септември и до 20 септември извршил приближно 14 милиони автоматски пребарувања.
Пропустот бил откриен на 2 октомври, откако била забележана невообичаено висока активност поврзана со една фактура. Во моментот на објавување на извештајот, компанијата „Pays“ не одговорила на прашањата на The Register во врска со тврдењата за лозинката.
Во Данска, засегнатите записи, наводно, опфаќаат околу 5,5 милиони живи лица и 3,3 милиони починати лица.
Од Управата на CPR изјавија дека имињата и адресите на поединците кои имаат посебна заштита на своите лични податоци не биле изложени. Управата го суспендирала пристапот на компанијата, ја известила националната агенција за заштита на податоци и потврдила дека полицијата спроведува истрага.






