Се очекува дека True Wireless Stereo (TWS) лудилото од изминатите години ќе се прелие и на оваа година. Според најновиот извештај на Counterpoint Research, би требало да видиме околу 310 милиони TWS слушалки испорачани во 2021. година, што е за 33 проценти повеќе во однос на 233 милиони продадени примероци минатата година. Apple, Xiaomi и Samsung ќе останат три најголеми играчи на ова поле.
И покрај континуираната пандемија и намалената потрошувачка, испораките на TWS слушалките ширум светот пораснаа за 78 проценти минатата година. Според изминатите извештаи, во 2020. година се испорачани 233 милиони безжични слушалки, што беше значително над почетните очекувања. TWS слушалките останаа еден од најбараните технолошки производи во текот на ланската година, а понудите од нискиот до средниот ранг бележат најголем раст.
Apple беше водечки минатата година и се очекува дека повторно ќе испорача најмногу AirPods слушалки, односно 27 проценти од пазарниот удел. Се очекува дека Xiaomi ќе остане на далечното второ место со 9 проценти од пазарот, додека Samsung најверојатно ќе ги заокружќи првите три позиции со своите 7 проценти пазарен удел. Се очекува дека кварталот од јули до септември ќе биде врв за пазарот и сигурно дека постои голем интерес во врска со следната генерација на AirPods слушалки, кои треба да пристигнат оваа есен.