Компанијата Facebook ги зголеми приходите во вториот квартал оваа година на 29 милијарди долари од 18,69 милијарди долари во истиот период минатата година.

Сепак, компанијата наведе дека растот на приходите „значително ќе забави“ во втората половина на 2021 година. Забавувањето на продажбата се очекува да се случи по посилниот раст, по периодот на локдаун кога компаниите користеа огласи преку интернет за да стигнат до потрошувачите, јави BBC. Вредноста на акциите на Facebook се намали за пет проценти по работното време на берзата.

Основачот и извршен директор на компанијата, Марк Цукерберг оцени дека претходниот квартал бил силен, како и дека Facebook продолжува да им помага на луѓето и компаниите да останат поврзани. Бројот на корисници на оваа социјална мрежа се зголеми на 2,9 милијарди.

Иако профитот на компанијата се зголеми за 10,4 милијарди долари во вториот квартал, Facebook предупредува дека очекува стапките на раст на вкупните приходи значително да забават од година во година.