Apple официјално ги претстави и годинашните премиум смартфони: iPhone 12 Pro и iPhone 12 Pro Max, кои доаѓаат со поддршка за 5G и освежен дизајн кој потсетува на iPhone 4.

Двата модела се поголеми од iPhone 11 Pro моделите од минатата година, со 6,1-инчен екран за iPhone 12 Pro и 6,7-инчен за iPhone 12 Pro Max. Моделот Pro Max е промовиран и како најголемиот iPhone на Apple досега. Компанијата ги редизајнираше и своите премиум модели, кои сега имаат квадратест изглед со рамни рабови, по примерот на iPad Pro. За разлика од стандардниот iPhone 12, Pro уредите имаат рамка од нерѓосувачки челик и се достапни во четири бои: сива графит, сребрена, златна и новата пацифик сина.

Новите iPhone 12 Pro модели ги покренува и нов чипсет – A14 Bionic. Се работи за прв мобилен чипсет креиран во 5nm процес, а составен е од шест процесорски јадра и четири GPU јадра. Во него има 11,8 милијарди транзистори и neural engine со 16 јадра, што може да извршува 11 билиони операции во секунда. Компанијата тврди дека перформансите на iPhone 12 линијата се за 50 проценти побрзи од било кој друг смартфон на пазарот.

Еден од најголемите додатоци е дефинитивно поддршката за 5G мрежите, а iPhone 12 Pro моделите поддржуваат и под-6GHz и mmWave 5G. Покрај ова, премиум смартфоните ги краси Ceramic Shield технологијата, за која Apple тврди дека нуди стакло што е поотпорно од било кој смартфон дисплеј и со четири пати подобри перформанси при пад, кога е во прашање спречувањето на кршење на екранот.

Apple обрна големо внимание на системот за камери кај iPhone 12 Pro моделите. Компанијата повторно нуди три камери за двата модели на iPhone 12 Pro: широк 12MP сензор, ултра широк и телефото.

IPhone 12 Pro Max доаѓа со дополнително понапреден систем на камери. Тука е новиот телефото сензор од 12MP, со фокусна должина од 65 mm и оптичко зумирање до 2,5x. Новата широка камера има f/1,6 бленда и нов систем за оптичка стабилизација. Apple исто така ја спомена и новата опција, наречена „Apple ProRAW“, која ќе биде достапна на Pro моделите. Функцијата им овозможува на корисниците да ги искористат предностите на фотографијата како што се Deep Fusion и Smart HDR, заедно со флексибилноста на RAW фотографиите. Новите iPhone телефони ќе можат да снимаат и HDR видео и да имаат поддршка за Dolby Vision HDR.

Новина и ексклузива за моделите iPhone 12 Pro моделите е LIDAR сензорот, што ќе се користи за дополнителни AR ефекти. Apple посочува дека LIDAR ќе се користи за да помогне при фокусот во услови на слаба осветленост, правејќи го автоматскиот фокус за фотографирање до шест пати побрз. Исто така, обезбедува и Night Mode портрет фотографски снимки.

Како и моделите iPhone 12 и 12 mini, двата iPhone 12 Pro смартфони се компатибилни со новиот MagSafe полнач и додатоците што вклучуваат магнетни футроли, влошки за полнење и многу повеќе.

Новиот iPhone 12 Pro има почетна цена од 999 долари, додека iPhone 12 Pro Max започнува со цена од 1099 долари, а достапните опции за простор за складирање се 128 GB, 256 GB и 512 GB. Преднарачките на iPhone 12 Pro моделот почнува на 16 октомври, со испорака една недела подоцна, додека iPhone 12 Pro Max ќе може да се нарача од 6. ноември, а испораката започнува на 13. ноември.