LG во последните неколку години има големи проблеми да го одржи својот бизнис со мобилни телефони. И покрај постојаните обиди да внесе иновации и подобрувања, компанијата не успеа да оствари заработка од својата дивизија за смартфони.

Иако LG честопати се појавува во вестите со иновативни решенија и концепти, со свежи и необични идеи како што е LG Wing, во реалноста, смартфон дивизијата на компанијата постојано губи пари и LG полека останува без решенија за да ја поправи оваа ситуација.

Претходно се појавија информации дека LG е во преговори за продажба на својот оддел за паметни телефони, но потрагата за потенцијален купувач не се одвива според планот, што може да ја принуди компанијата целосно да го прекине бизнисот со телефони.

Овој извештај пристигнува од јужнокорејскиот весник Dong-A Ilbo (а го пренесува Bloomberg). Претходно, официјален претставник на LG истакна дека смартфон бизнисот на компанијата не е загрозен, а само неколку дена подоцна се појави извештај што го тврди спротивното. LG дури имаше и сериозни амбиции за 2021 година, кои вклучуваа и уред со екран што се свиткува и кој доби Bluetooth SIG сертификат.

LG беше во преговори со компании како Volkswagen и Vingroup JSC од Виетнам во врска со потенцијална продажба на својот бизнис со телефони, но овие преговори пропаднаа.

Иако во последните години немаше добри продажни резултати, историски LG се смета за еден од најголемите играчи во Android екосистемот. Компанијата објави неколку добро познати уреди како што е LG G2, а произведе и неколку познати уреди за други компании – Nexus 5, Nexus 5X i Google Pixel 2 XL.