Mozilla Firefox наскоро ќе им овозможи на корисниците целосно да ги исклучат AI функциите доколку ги сметаат за некорисни.
Почнувајќи од верзијата Firefox 148, која треба да излезе на 24 февруари, корисниците ќе добијат посебен дел во поставките на десктоп прелистувачот за управување со AI функциите.
Според објава на официјалниот блог на Mozilla, делот им овозможува на корисниците да ги блокираат сите постоечки и идни генеративни AI алатки во Firefox, како и индивидуално да управуваат со функциите што сакаат да ги користат.

На овој начин, Firefox може да се користи целосно без вештачка интелигенција, додека опциите ќе останат достапни за оние кои ги сакаат.
AI функциите во Firefox се опционални и вклучуваат:
- Преведување содржина на посакуваниот јазик
- Автоматско додавање алтернативен текст на слики во PDF документи
- Паметно групирање на табови со предлози за наслови
- Преглед на врски со клучни информации пред да се отвори
- AI чатбот во страничната лента, со поддршка за Claude, ChatGPT, Copilot, Gemini и Mistral
Доколку корисникот не сака никакви AI функции, доволно е да ја активира опцијата „Block AI enhancements“, по што Firefox повеќе нема да прикажува никакви препораки или известувања за вештачката интелигенција.

Откако ќе се постават, AI опциите остануваат активни дури и по ажурирањето на прелистувачот, но можат да се променат во секое време. AI контролите прво ќе бидат достапни во верзијата Firefox Nightly, а Mozilla ги поканува корисниците да ги споделат своите впечатоци преку платформата Mozilla Connect.






