Пропадна експериментот на компанијата на Маск со вградување на мозочни чипови
Биотехнолошката компанија на милијардерот Eлон Маск, Neuralink развива микрочипови дизајнирани да бидат вградени кај луѓето за следење и потенцијално стимулирање на мозочната активност, помагајќи да заздрават од повреди на мозокот и ‘рбетниот мозок.
Експериментот веќе е применет на мајмуни. Групата за заштита на животните наречена „Одбор на лекари за одговорна медицина“ наведува дека во периодот од 2017 до 2020 година, микрочиповите на Неуралинк биле вградени во мозокот на 23 мајмуни на калифорнискиот Универзитет Дејвис, а потоа 15 мајмуни не го издржале експериментот.
По анализата на ветеринарните извештаи добиени од Универзитетот, групата дошла до заклучок дека мајмуните вклучени во експериментот на Neuralink биле злоупотребувани и, како што се наведува, изложени на екстремно страдање.
Во интервју за „Бизнис инсајдер“, претставникот на таа група Џереми Бекам изјави дека мајмуните кои го преживеале експериментот биле префрлени во објектот на Неуралинк во 2020 година пред компанијата да престане да соработува со универзитетот.
По тој повод, групата за заштита на животните се обратила и до Министерството за земјоделство, барајќи истрага, наведувајќи потенцијални прекршувања на американскиот закон за благосостојба на животните.
Неуралинк не ги коментираше овие наводи, а портпаролот на Универзитетот во Калифорнија за „Њујорк пост“ изјави дека надлежниот универзитетски одбор „темелно го разгледал и го одобрил“ проектот.
На крајот на 2021 година, Маск објави дека Neuralink може да започне со тестирање на луѓе оваа година.
Извор: Sputniknews.com