Јужнокорејскиот гигант Samsung објави денеска дека ќе инвестира 240 трилиони вони (206 милијарди долари) во следните три години во проширување на бизнисот во биофармацевтски производи, вештачка интелигенција, полупроводници и роботика.
Компанијата очекува инвестицијата да помогне во зајакнувањето на нејзината глобална позиција во клучните сектори како што е производството на чипови, истовремено барајќи можности за раст во нови области, како што се телекомуникациите и роботиката од следната генерација.
Samsung Electronics, најголемиот светски производител на мемориски чипови, не објави детали за инвестицијата, велејќи само дека групацијата планира да ја консолидира својата водечка позиција на пазарот и во развојот на технологиите преку спојувања и превземања.
Тие не кажуваат дали најавените инвестиции вклучуваат 17 милијарди долари наводно планирани за изградба на нова фабрика во САД. Според документот поднесен до службите во Тексас, тие размислуваат за локација во округот Вилијамсон за фабрика за чипови што ќе отвори 1.800 работни места.
Сумата е 30 проценти повисока од претходната тригодишна стратегија, објавена во 2018 година, и групацијата одлучила да ги зголеми инвестициите за да ја задржи својата позиција како технолошки лидер, особено во „кризни ситуации“ во матичната земја Јужна Кореја и во странство.
„Индустријата за чипови е штит на корејската економија … Нашите агресивни инвестиции може да се протолкуваат како стратегија за преживување, бидејќи е речиси невозможно да се врати изгубената конкурентност“, се вели во соопштението на Samsung Electronics.
Извор: n1info.com