Компанијата Samsung патентираше необичен дизајн на смартфонот во облик на буквата L, кој има преклопен екран.
Станува збор за флексибилен екран кој се отвора странично, а кога е во „затворена положба“ е свиткан/преклопен кон задната страна на уредот.
Функциите кои се предвидуваат за овој уред потсетуваат на LG Wing, бидејќи секундарниот екран на Wing понекогаш се користеше за отворање секундарни апликации во помал прозорец или за прикажување дополнителни информации во текот на играњето, гледањето видеа и слично. Паметниот телефон може да се користи исправено или странично со помошен екран што се отвора лево или нагоре.
Бидејќи екранот се наведнува наназад, може делумно да се користи за пронаоѓање на видното поле за задните камери. Според скиците, има три камери и LED блиц, но нема детали за нив.
Познато е дека има дводелна батерија, а екранот на преклоп би бил направен од ултра тенкото стакло на Samsung UTG, истиот заштитен слој што се користи за Galaxy Z Fold 3 и Z Flip 3 телефоните на Samsung.
Еден од предизвиците на овој дизајн би бил да се вгради преклопна шарка од внатрешната страна на уредот за да се свитка екранот околу него. Овој вид на шарка бара простор, па затоа можеби е причината за дводелната батерија.
Сепак, треба да се има предвид дека компаниите често патентираат уреди кои никогаш не ги произведуваат подоцна, а каква е судбината на овој уред, останува да се види.