Google ја објави првата бета верзија за Android 12 во мај, а неодамна почна со испорака на бета 2 ажурирањето за платформата. Preview ажурирањата се достапни за Pixel телефоните на компанијата, како и за Asus, OnePlus, Oppo, Xiaomi, Realme, Sharp, TECNO, TCL, Vivo и ZTE уредите. Засега го нема Samsung на листата.

Samsung, наводно, пред крајот на годината ќе почне да го испорачува Android 12 со новата верзија на својот прилагоден One UI кориснички интерфејс. Компанијата во октомври или ноември треба да ја одржи Samsung Developer Conference (SDC), но бета верзијата за One UI 4.0 (која ќе биде базирана на Android 12) се очекува во текот на август.

Galaxy S21 серијата на Samsung, како и поновите телефони на компанијата, сигурно ќе добијат ажурирања на Android 12 во период од три години.

Финалната верзија на Android 12 се очекува во септември, од страна на Google. Тоа ќе биде едно од најголемите ажурирања на платформата во последните неколку години. Google ќе го имплементира „Material You“ дизајнот, редизајнираните виџети, алатки за контрола на приватност и друго.