Американската Match Group, сопственик на апликацијата за запознавање Tinder, најави за време на разговор со инвеститори дека постепено ќе воведува нова функција базирана на AI по падот на претплатниците за седум проценти на годишно ниво во третиот квартал од 2025 година.
Претплатниците на Tinder опаѓаат девет последователни квартали, а Match Group се стреми да го промени трендот со функција наречена Chemistry која ќе им поставува прашања на корисниците и, со нивна дозвола, ќе анализира фотографии од галеријата на нивниот телефон кои не се јавно споделени за да дознае повеќе за нивните интереси и личности.
На пример, ако вештачката интелигенција забележи дека корисникот има фотографии од планинарење во својата галерија, би можела да го поврзе со потенцијални партнери кои делат слични интереси, објавува Tech Crunch.
Функцијата веќе се тестира во Нов Зеланд и Австралија и ќе биде „главен столб на претстојното искуство со производите на Tinder за 2026 година“, рече извршниот директор на Match Group, Спенсер Раскоф.
Ова не е единствената компанија која бара од корисниците пристап до фотографии кои не се јавно споделени – Meta неодамна воведе алатка која користи вештачка интелигенција за анализа на слики од нивната галерија за да предложи визуелни подобрувања.
Во двата случаи, експертите забележуваат дека придобивките за корисниците се ограничени, а воедно покренуваат прашања за приватноста и безбедноста на податоците.
Tinder претходно воведе некои функции базирани на вештачка интелигенција, но и покрај иновациите, неговите приходи се намалија за 3% на годишно ниво во третиот квартал од 2025 година. Младите корисници делумно се враќаат на средбите во реалниот живот наместо на апликациите, додека други ги намалуваат трошоците поради слабеењето на куповната моќ и рецесијата.






