Microsoft создаде проблем за корисниците на оперативниот систем Windows 10.

Најновото безбедносно ажурирање за Windows 10, објавено од Microsoft како дел од нивниот јулски Patch Tuesday, донесе неочекуван проблем кај корисниците ширум светот – пребарувањето во панелот за емотикони не работи.

Корисниците кои го инсталирале ажурирањето KB5062554 пријавуваат дека кратенката Win + . сè уште го отвора панелот за емотикони, но пребарувањето во него повеќе не работи. Наместо очекуваните резултати, се прикажува пораката „We couldn’t find this one“, без оглед на тоа што корисникот пишува.

Бројни корисници на форумите на Reddit и Microsoft потврдија дека проблемот се појавил кратко време по инсталирањето на најновото ажурирање. Некои веќе прибегнале кон враќање на системот за да ја вратат функционалноста на панелот со емотикони.

Microsoft сè уште не коментирал за проблемот, ниту пак е наведен на официјалната страница за пратење на статусот на Windows исправките (Windows Release Health).

За потсетување, Windows 10 влегува во својата последна фаза на поддршка – бесплатната поддршка ќе трае до октомври 2025 година, додека корисниците можат да сметаат на дополнителна година преку програмата за проширена безбедносна поддршка (ESU).

За оние на кои пребарувањето емотикони им е важно за секојдневната работа, единственото решение во моментов е да го деинсталираат проблематичното ажурирање. Во спротивно, ќе треба да почекате Microsoft да објави нова закрпа што ќе го поправи багот.