Мисијата на Марс InSight на американската вселенска агенција НАСА е при крај.
На почетокот на овој месец, НАСА објави дека прашината ги покрила соларните панели на лендерот Insight Mars и дека наскоро ќе мора да ги прекине своите научни операции.
InSight пристигна на Марс во ноември 2018 година за да ја проучува сеизмичката активност на Црвената планета, а сега испрати последно селфи со фотографија што ја направил на десеттиот ден од неговата мисија.
По повеќе од три години мисија, НАСА очекува лендерот да престане со работа до декември бидејќи повеќе не може да генерира доволно енергија преку своите соларни панели. Овие соларни панели првично генерираа 5.000 Wh енергија секој ден, а сега само 500 Wh.
Претходните мисии на НАСА беа потпомогнати од ветрови кои ја отстрануваа прашината од панелите на роверот Spirit и Opportunity, и тие можеа да работат подолго. Но, тоа не се случи со InSight, чии панели продолжуваат да собираат прашина и како резултат на тоа постепено го губат капацитетот за собирање сончева енергија.
„Доколку само 25 проценти од прашината се отстрани од соларните панели на InSight со ветер, лендерот би генерирал околу 1.000 Wh енергија, што би било доволно за да продолжи со својата работа. Меѓутоа, со оглед на сегашните загуби на енергија, несеизмичките инструменти на InSight ретко ќе вклучуваат по мај“, соопшти НАСА.
Роботската рака на лендерот се користеше во минатото за отстранување на прашина, но прашината се акумулира премногу брзо за роботската рака да врши чистење без употреба на витална енергија.
Сепак, InSight ги надмина очекувањата и преживеа повеќе од две години надвор од очекуваниот рок и собра голема количина на податоци, така што неговата мисија е огромен успех. Тој им помогна на научниците да утврдат дека јадрото на Марс е многу помало отколку што претходно се веруваше.