Минатиот месец беше најтоплиот септември досега, со невообичаено високи температури регистрирани во близина на Сибир, Блискиот Исток и делови од Јужна Америка и Австралија, соопшти Copernicus, програмата на ЕУ за следење на климатските промени.
Заедно со продолжувањето на долгорочниот тренд на глобално затоплување, предизвикано од емисијата на штетни гасови, високите температури одиграа клучна улога во бројни природни катастрофи оваа година – топењето мразот на Арктикот, пожарите во Калифорнија и поплавите во Азија, тврдат научниците.
Тие предупредија дека поради глобалното затоплување, одредени екстремни феномени ќе продолжат да се случуваат, многу поинтензивно и почесто.
Овој септември беше потопол за 0,05 степени Целзиусови во споредба со истиот месец минатата година, додека просечната температура во септември 2016 година, која беше најтопла досега, беше за 0,08 степени пониска од евидентираната оваа година, покажуваат податоците.
Климатските настани во последните три месеци од 2020 година ќе утврдат дали оваа година како целина ќе стане најтопла досега, велат од Copernicus.
Изминатите пет години беа најтопли досега. Просечните глобални температури се зголемија за околу еден степен во споредба со прединдустрискиот период.
Потписниците на Парискиот климатски договор од 2015 година се согласија дека ќе се обидат да го ограничат затоплувањето на 1,5 степени, со што би требало да се одбегнат најкатастрофалните последици од климатските промени.