Со доаѓањето на летото, годишните одмори и безгрижните денови покрај морскиот брег, треба да се потсетиме и на другата страна на човековото уживање во природата.

Една од нив е и непријатната помисла дека во океаните моментално плови голем остров – од отпад.

За жал, овој остров нема убава конотација. Се нарекува Голем пафицички остров на отпадот, а станува збор за масовна количина на отпад (воглавно пластичен) кој се формирал недалеку од Калифорнија. Веќе со години плови по океаните, собирајќи го останатиот отпад во вртлози и струи и со тоа растејќи сè поголем и поголем.

За неговата површина во водата се расправа – од неколку стотина илјади до речиси два милиони квадратни метри. Но, едно е сигурно: во него пловат речиси 80.000 тони пластика. Тука се и делови од рибарски мрежи, шишиња, контејнери…

Освен што е токсичен и штетно им делува на морските растенија на кои им го попречува протокот на кислород, ваквиот остров буквално ги убива животните – не само оние малите како птици и риби кои го проголтуваат, туку и фоки, делфини па дури и китови кои се гушат од него. Ако некој мисли дека ова е далечен проблем, само нека се сети на рибите што ги јаде…

Постои и уште една трагедија: овој остров е само еден од неколкуте, познат бидејќи е најголем. Но, отпадот се таложи и во останатите мориња и океани.

Тоа не се компактни острови кои носат брда од отпад, туку милијарди ситни честички пластика кои пловат низ океанот, како кога нафтата се излева во вода. Само замислете колку ги има и колку се наталожиле од 1950-те години кога пластиката започна масовно да се употребува како амбалажа.

Ситуацијата не е добра, но не е ни безнадежна. Иако активно се работи на отстранување на отпадот, тој и понатаму постои како потсетник дека никогаш не треба да ја земаме природата здраво за готово.

Токму како што вели изреката „зрно по зрно – погача“, секое парче пластика или отпад кој го фрламе со помислата „јас сум само мал поединец“, останува во природата и здружен со уште илјадници такви кои ги фрлиле илјадници поединци како нас – создава катастрофа која нѝ се враќа.

Извор: Dnevnik.hr