Потонатиот брод Титаник е поделен на два дела и се наоѓа на дното на Атлантскиот Океан, каде полека пропаѓа на длабочина од речиси 4.000 метри, но таму не е сам.
Сонар го открил сигналот пред 26 години, а сега е откриено многу повеќе за оваа подводна област. П. Х. Наргеолет, искусен подводен пилот и познат нуркач на експедиции поврзани со Титаник, првично го открил сигналот во 1996 година, но неговото потекло останува непознато.
Меѓутоа, за време на експедицијата до потонатиот брод Титаник на почетокот на оваа година, Наргеолет и уште четворица истражувачи отидоа на локацијата каде што беше откриен сигналот, верувајќи дека поради неговата големина ќе пронајдат уште една руина, но пронајдоа гребен направен од различни вулкански формации кои беа полни со јастози, сунѓери, длабоки морски риби и неколку видови корали кои би можеле да бидат стари илјадници години.
„Ова е биолошки фасцинантно. Животните кои живеат таму значително се разликуваат од другите во длабокиот океан. Наргеолет направи навистина важна научна работа. Мислеше дека станува збор за остатоци од брод, но откритието е уште пофасцинантно“, рекол професорот Мареј Робертс од Универзитетот во Единбург во Шкотска.
Понорната рамнина е термин кој се користи за опишување на океанското дно во водите длабоки меѓу 3.000 и 4.000 метри, кои сочинуваат 60 отсто од површината на Земјата. Претходно се веруваше дека станува збор за калливо морско дно со мала структура и особини. Нуркачите во неколку наврати забележале карпести формации на рамнината. По откритието во близина на Титаник, Робертс сега верува дека таквите карактеристики можеби се почести отколку што се мислеше.
Карпестите области можат да помогнат во објаснувањето на растојанијата што ги поминуваат сунѓерите и коралите на дното на океанот, што отсекогаш било мистерија за научниците. Во калливата средина каде што вообичаено се забележуваат, има малку цврсти површини на кои овие видови можат да се залепат, така што нивниот раст и размножување е можно.
„Понекогаш се појавуваат на места што не изненадуваат. Тие не живеат доволно долго за да стигнат до тие места. Но, ако има повеќе вакви карпести локации отколку што претходно верувавме, мислам дека тоа ќе ни помогне да ја разбереме дистрибуцијата на овие видови во океанот“, додаде Робертс.
Научниците сега ги анализираат фотографиите и снимките од гребенот и ќе ги споделат своите истражувања за да го унапредат колективното знаење на заедницата за животот во длабокото море.
Наргеолет сака да истражи уште еден сигнал во близина на Титаник во следната експедиција, а тој е снимен помеѓу потонатиот брод и гореспоменатиот гребен, кој го доби името Наргеолет-Фенинг Риџ.