Сем Бенкмен-Фрид, поранешен криптомилијардер, беше прогласен за виновен за организирање тешка измама и перење пари од повеќе милијарди долари во федералниот суд на Менхетн по едномесечно судење.
Поротата ја донесе својата одлука по пет часа размислување, а неговата казна ќе биде објавена на 28 март 2024 година.
„Сем Бенкмен-Фрид ја изврши една од најголемите финансиски измами во американската историја – шема од повеќе милијарди долари дизајнирана да го направи крал на крипто“, рече обвинителот Демиен Вилијамс во изјавата по изрекувањето на пресудата.
„Овој случај е за лаги, измами и кражби и немаме толеранција за тоа“, додаде тој.
Обвинителите го обвинија Бенкмен-Фрид дека ги лаже инвеститорите и дека украл милијарди долари преку берзата за криптовалути FTX, што го поттикна нејзиниот колапс. Тој беше обвинет за седум случаи на измама и перење пари, но секогаш тврдеше дека е невин и дека грешките што ги направил биле со најдобра намера.
По пресудата, адвокатот на Банкмен-Фрид, Марк Коен, рече: „Ја почитуваме одлуката на поротата, но разочарани сме од резултатот. Г. Банкмен-Фрид продолжува да ja брани својата невиност и ќе продолжи енергично да се бори против обвиненијата“.
Тројца негови блиски пријатели и колеги, вклучително и неговата поранешна девојка Керолин Елисон, ја признаа вината и се согласија да сведочат против него надевајќи се дека ќе добијат намалени казни. Нивното судење допрва треба да почне.
Сем Бенкмен-Фрид, како што беше посочено, украл милијарди долари од корисниците на платформата FTX, за лична употреба, како и пополнување дупки во буџетот на неговиот криптохеџ-фонд Alameda Research.
FTX се рекламира како едноставен и безбеден портал во светот на тргувањето со криптовалути. Заработи пари со наплата на такси за тргување, слично на редовните брокерски куќи.
На врвот на моќта на FTX приватните проценители ја проценуваа платформата на повеќе од 30 милијарди долари, а по неа беше именувана и кошаркарска арена во Мајами. Исто така, заштитни лица на оваа компанија беа многу познати личности, меѓу кои и познатиот американски фудбалер Том Брејди.
Сепак, во пролетта 2022 година пазарот на криптовалути падна, целата вредност на индустријата од три трилиони падна на само еден трилион. До есента таа година проблемите во бизнисот на FTX станаа очигледни и требаше само околу една недела целата приказна целосно да пропадне.
Инвеститорите и клиентите почнаа да паничат откако веб-страницата за криптовести Coindesk објави напис за финансиските врски помеѓу FTX и Alameda, два бизниса основани од Банкмен – Фрид.
Врз основа на документите до кои дојде порталот се чинеше дека најголемиот дел од средствата на Аламеда се состои од FTT, дигитален токен создаден од FTX, кој брзо се намалуваше. Клиентите побрзаа да ги повлечат своите средства од FTX откривајќи недостиг од осум милијарди долари.