Huawei P Smart 2021 е одличен all-round смартфон наменет за корисниците кои сакаат солидна батерија, употреблива камера и квалитетна изработка по прилично ниска цена

НИКОЛА БУРАГЕВ

Доколку спаѓате меѓу лицата на кои им е битно избалансираното и квалитетно искуство во работата, дефинитивно треба да го ставите новиот Huawei P Smart 2021 во потесниот избор на потенцијални кандидати за избор на нов телефон. Постојат многу причини зошто претставува одличен избор во морето навидум многу слични производи во категоријата достапни паметни телефони.

Дизајн

Ако очекувате некаков вселенски, освежен и никогаш претходно виден дизајн, P Smart 2021 нема да ви го понуди. Реално, во денешно време нема да го понуди ниту еден смартфон, а посебно не во овој ценовен сегмент.

Промените во однос на претходните генерации се минимални, како однапред, така и од задната страна. P Smart 2021 на предниот дел има рамен екран со отвор за селфи камерата и прилично тенки рамки околу дисплејот. Задниот дел е прекриен со блескав пластичен капак, кој сепак е магнет за отпечатоци од прсти. На задната страна е присутен четвртестиот камера модул со четири објективи и LED блиц, а малку подолу е логото на Huawei.




Првичниот впечаток е прилично добар, по неколку основи. Дизајнот и изработката се области во кои Huawei никогаш не изневерил, па така е и овојпат – телефонот дефинитивно делува далеку поскапо од 12.999 денари, колку што изнесува неговата цена. Иако ќе ви биде јасно дека е направен од пластика кога ќе го допрете, не постојат никакви назнаки за проблеми при изработката или недоволно внимание кон било кој елемент. Дизајнерски е креиран во стилот на повеќекратно поскапите телефони со голем камера модул на горниот агол од задната страна, има благи заоблувања и впечатокот за изработката е многу добар. Пристигнува во три исклучителни бои: Crush Green, Blush Gold и Midnight Black, така што на располагање има доста солиден избор, па секој може да избере помеѓу допадливите, необични и уникатни варијанти на зелената и златната или малку посведената црна боја.

Екран

Ако барате голем екран и не сте пребирливи во поглед на видот на панелот, овој 6,67-инчен IPS LCD дисплеј во FHD+ резолуција ќе ги задоволи вашите потреби. Форматот е 20:9, а отворот за селфи камерата во екранот го заменува засекот што го имаше неговиот претходник. Речиси целата предна површина е прекриена со дисплеј, со предната камера позиционирана централно, што без сомневање во моментов е најелегантно решение кај паметните телефони. Резолуцијата на екранот изнесува солидни 2400 × 1080 пиксели, што донесува многу добра густина на приказот од 393 пиксели по инч. Стапката на освежување на екранот изнесува стандардни 60Hz, што е и очекувано за уред со ваква цена.

Острината на дисплејот е сосема во ред, приказот на боите во живописниот режим е пријатен за очите, а читливоста под агол е подобра од очекуваната. Осветленоста е солидна, иако под директна сончева светлина, би можела да биде и подобра.

Практично е што екранот можете да го вклучите со притискање или уште подобро со подигнување пред лицето, па тоа одлично функционира со отклучување на лицето. Бидејќи се работи за LCD дисплеј, Always ON функцијата не е поддржана.

Уште еден комплимент оди на сметка на скенерот за отпечатоци од прсти. Поставен е странично, во копчето за вклучување од десната страна на телефонот. Не само што го сакаме ова решение поради брзата работа, туку многу ни се допадна и тоа што уредот може да се прилагоди, автоматски да се пали екранот само со допирање на прстот на копчето, така што практично не мора да се притиска копчето за вклучување. Ова севкупно дава многу добро чувство на одзив на телефонот во реална работа. Тука е и 3,5 милиметарскиот приклучок, звукот е просечен до солиден и се потпира на еден звучник со солидна јачина на гласност, но не поседува стерео (не беше ни рационално да се очекува во оваа категорија)

Хардвер и перформанси

Во однос на хардверот, P Smart 2021 користи малку постар чип поради санкциите наметнати врз Huawei од Америка. Компанијата се одлучи за добро познатиот чипсет од пониска средна класа Kirin 710A, кој е стар неколку генерации. Kirin 710A е 14nm чип со Cortex A53/A73 јадра и Mali-G51 MP4 графика, а бидејќи Kirin 710 е 12nm чип, овој е 14nm и во тој поглед е малку поинфериорен.

Не можеме да кажеме дека потфрла, но дефинитивно има побрзи телефони во оваа категорија. Сепак, во комбинација со 4 GB RAM и 128 GB простор, уредот работи прилично пристојно. Ако сакате да го проширите просторот за складирање, достапен е слот за microSDXC картичка.

Генерално, телефонот има задоволителни перформанси во секојдневните задачи и може да да ги стартува игрите како што се Asphalt 9 и PUBG. Немаме поплаки во поглед на квалитетот на телефонските повици, ниту за Wi-Fi, мобилната конекција и GPS услугите за локација на GPS. Единствено што недостасува е NFC.

Камери

Новиот P Smart 2021 доаѓа со четири задни камери, како и со предна камера од 8 MP. Главниот дел од работата паѓа на quad bayer сензорот од 48 MP f/1.8, кој збива четири пиксели во еден и создава 12MP фотографии, а снима и 1080p видео. Главниот објектив креира многу добри фотографии во различни услови, вклучувајќи го и фантастичното ноќно снимање. Huawei е надалеку признаен со оваа функција – а сега во ноќните фотографии во полн сјај можат да уживаат и сопствениците на прилично достапниот смартфон. Вештачката интелигенција (AI) секако помага за одличните резултати. Исто така, уредот поседува и ултраширок сензор од 8MP, како и сензори по 2MP за макро (фотографии од екстремна близина) и бока (ефект на заматена позадина).

Од предната страна има 8MP f/2.0 селфи камера со фиксен фокус и поддршка за 1080p видео. Продуцира пристојни портрети и селфи фотографии под услов да има доста светло. Во темнина се препорачува да се вклучи осветлувањето со екранот, за да се добијат подобри резултати.

Интерфејсот на камерата е типичен за Huawei, поддржува и AI, па препознава сцени и ги прилагодува алгоритмите. Покрај стандардниот режим на снимање, тука се уште и професионалниот мод со вообичаените рачни поставки, портретниот и ноќниот, кој во вечерните часови ќе проба да извлече повеќе светлина.

Софтвер и AppGallery

P Smart 2021 пристигнува без поддршка за сервисите на Google и Play Store продавницата за апликации. Корисниците ќе можат да се потпрат на растечката Huawei AppGallery продавница и новиот Huawei Petal Search систем на пребарување на базата на апликации, или пак да се снајдат на „посебен“ начин ако ги сакаат Google услугите на својот телефон. Може да се инсталираат и Google Chrome и Google Maps, кои ќе работат нормално, но нема да може да се логирате со Google профилот. Сепак, мора да истакнеме дека алтернативите се прилично созреани и дека сега веќе базата на апликации е далеку поширока и севкупно целосно употреблива.

Во продавницата на Huawei можат да се најдат и македонски апликации како што се: AirCare, Mojot A1, m-Banking by Stopanska Banka, НЛБ мКлик, како и популарната апликација за скенирање фискални сметки „Мој ДДВ“. Mеѓу глобално познатите апликации, на Huawei AppGallery можат да се пронајдат Viber, HERE WeGo мапите, TikTok, Deezer, Tidal, Snapchat, AliExpress Shopping App, Microsoft Office, Telegram, Tinder, AccuWeather, Amazon Shopping, Kodi, Opera, Opera Mini, Fortnite, World of Tanks, Asphalt 9 и др.

Неодамна и TomTom сервисот за мапи пристигна на Huawei телефоните како алтернатива на Google Maps решението. Уредот доаѓа со Android 10.1.1 верзијата, односно соодветниот EMUI 10.1 кориснички интерфејс, кој поддржува прилагодување на изгледот на Темите и Dark Mode. Навигациската лента можете да ја замените со гестови, интерфејсот работи прилично флуидно и воопшто не изгледа лошо.

Екранот е простран, па на смартфонот е навистина уживање да се прелистува на интернет. YouTube е една од оние апликации кои веројатно и најмногу ќе ви недостасуваат. Добра замена е YouTube Vanced, а на YouTube можете да му пристапите и преку веб-прегледникот.

Huawei, како и обично, својот уред го опремува со некои од своите апликации, меѓу кои се Phone Clone, Huawei Support, Notes, FM Radio, Оптимизација, Files и слични апликации. Посебно треба да се истакне Phone Clone со којa на новиот телефон на Huawei од стариот Android или iPhone уред може да се копираат фотографии, фајлови, музика, контакти, пораки, листата на повици и апликации, но само оние кои се поддржани од Huawei.

Лидер на полето на батеријата

Иако телефонот пристигнува со батерија од 5000 mAh, многу е побитно што Huawei всушност е докажан лидер на полето на автономијата. Неговите чипови се оптимизирани во правец на енергетската ефикасност, па може да се очекува долготрајна работа на уредот. Батеријата се полни со брзиот 22.5W полнач сместен во пакувањето, така што за половина час се напојува до 50 проценти, а потоа забавува. Во секој случај, ќе имате полна батерија за нешто помалку од 90 минути. За возврат, гарантира над 7 часа вклучен екран, па дури и повеќе од тоа. Повеќето од корисниците ќе го полнат секоја втора вечер, но ако играте игри, ќе треба да го полните секоја ноќ.

Заклучок

Се на се, Huawei заврши многу добра работа со овој телефон. Иако можеби не изгледа импресивно на хартија за оние кои се гледаат преку хардверските спецификации, реалниот впечаток во работата дефинитивно го отстранува секој страв дека се работи за „веќе виден“ смартфон. P Smart 2021 е одличен all-round уред, и како таков ќе им послужи на голем број на корисници, кои сакаат комбинација на пристоен телефон со солидна батерија, употреблива камера и квалитетна изработка со разумна доза на посветеност на деталите.

Huawei P smart 2021 доаѓа во три бои – Crush Green, Blush Gold и Midnight Black. На македонскиот пазар е достапен во продажните салони на Нептун, Техномаркет, Сетек и Анхоч по препорачана цена од 12.999 денари, а може да се купи и во двата телекомуникациски оператори, Македонски Телеком и А1 Македонија.

Предности:

  • Простран и остар екран
  • Многу добра автономија на батеријата
  • Брзо жично полнење
  • 128GB интерна меморија + microSD
  • Пристојни камери во класата
  • 3.5 мм аудио приклучок
  • Достапна цена

Недостатоци:

  • Недостасуваат Google сервисите и Play Store
  • Нема NFC конекција

 

ТЕХНИЧКИ СПЕЦИФИКАЦИИ

Процесор и графика Kirin 710A (14 nm) (4×2.0 GHz Cortex-A73 & 4×1.7 GHz Cortex-A53) / Mali-G51 MP4
Екран: 6.67 инчи IPS LCD, 1800 x 2400 резолуција, 393 ppi, 20:9, 60Hz
RAM и меморија: 4GB RAM; 128GB интерна меморија
Задни камери: 48 MP, f/1.8, 26mm (wide), 1/2.0″, 0.8µm, PDAF
8 MP, f/2.4, 120˚ (ultrawide)
2 MP, f/2.4, (macro)
2 MP, f/2.4, (depth)
Предна камера: 8 MP, f/2.0
Поврзливост: 4G; Wi-Fi 802.11 a/b/g/n/ac, dual-band; Bluetooth 5.1; A-GPS, GLONASS, BDS
Батерија: 5000 mAh
Полнење: 22.5W жично
Биометриска безбедност: Капацитативен сензор за отпечатоци од прсти
Оперативен систем: Android 10.1.1 / EMUI 10.1
Димензии и Тежина: 165.7 x 76.9 x 9.3 мм / 206 гр.
Препорачана цена 12.999 денари

 

P Smart 2021 најдобро звучи со FreeBuds Pro слушалките

Совршен придружник на P Smart 2021 и останатите смартфони на Huawei и другите компании се безжичните слушалки FreeBuds Pro. Се работи за првите True Wireless Stereo слушалки во светот, што поддржуваат интелигентно динамично намалување на бучавата. Најновите слушалки на Huawei нудат интегрирано хардверско и софтверско решение што го идентификува типот на амбиентален шум и пречки преку три профили – General, Cozy и Ultimate, за оптимално ниво на намалување на бучавата во моментот. Меѓу многуте иновации кај овој производ се вбројува и водечкиот рејтинг за намалување на бучавата од 40 dB и двојната врска со уредите базирани на Android, iOS и Windows.

Новите FreeBuds Pro се претставници на новата премиум аудио колекција на Huawei, која спојува стил, удобност и висока технологија. Дизајнот е минимален – нема премногу украси, само чисти елементи, од кои секој директно е поврзан со одредена функционалност на слушалките.

Слушалките се многу компактни со релативно краток „врат“, кој за разлика со сите други слушалки од овој тип на пазарот е четвртест, и тоа со причина. Имено, тука се сензорите осетливи на притискање и допир, а овозможуваат импресивни контроли без потреба од посегнување за телефонот. Слушалките знаат кога ќе ги извлечете од уво, па ја паузираат музиката и повторно ја стартуваат кога ќе ги вратите во уво.

Врвовите се заоблени и опремени со удобни силиконски чепови, кои слушалките сигурно ги држат во увото, но и прилично добро го спречуваат продорот на околните звуци. Слушалките се опремени со звучници од 11 мм и со три микрофони, кои пружаат многу добар и гласен звук при слушањето музика, но и многу добар квалитет на hands free телефонските повици.

Четвртестиот облик на вратот на слушалките и се што е сместено во него, осигурува досега најдобри контроли на репродукција на музика и телефонските повици. Сензорите осетливи на притискање овозможуваат паузирање и стартување на музиката со кратко штипкање. Со подолго притискање бирате помеѓу три нивоа на AND: вклучено, исклучено и свесност. Ова последното, сепак, пропушта дел од звуците од околината, што е битно додека се движите низ сообраќајот.

Двојното притискање префрла на следната песна, а тројното на претходната. Може да се контролира и гласноста и тоа со лизгање на прстот по вратот на слушалката, и тоа нагоре за погласно и надолу за потивко. Многу ни се допадна имплементацијата на овие гестови, бидејќи во пракса функционира одлично, а несаканата интеракција е сведена на минимум.

Во зависност од тоа дали сте дома, на прошетка или во бучна средина, FreeBuds Pro интелигентно ја проценува околината и преминува во соодветен режим за намалување на бучавата. Кога е вклучено активното намалување на бучавата, батеријата трае до 4,5 часа, а кога е исклучено – дури до 7 часа без да ја користите кутијата за носење и полнење.

Друга важна иновација на Huawei FreeBuds Pro е нивната двојна Bluetooth антена. Слушалките се опремени со две Bluetooth антени, што обезбедува покриеност од 360 степени на Bluetooth сигналот за совршено стабилна врска.

FreeBuds Pro слушалките можат да се купат во Сетек, Техномаркет и Анхоч, по цена од 9990 денари.