Најголемиот и највисок активен вулкан во Европа, Етна се пробуди. Лавата од Етна се излеала на две места, дел се излеал кон пустата долина Бове, а другиот се прелеал кон северниот дел од кратерот на вулканот. Ерупцијата на лава, проследена со облак на пепел која достигнала висина од околу 100 метри, била спектакуларна, раскажуваат очевидци.
Вулканската пепел ги прекрила автомобилите во околните села на Сицилија, откако југоисточниот кратер исфрлил лава. Локалните власти известуваат дека црна пепел е пронајдена и на места оддалечени 20-тина километри од Етна.
Ерупцијата била видлива од градот Таормина оддалечен педесетина километри од вулканот.
Италијанските медиуми потсетуваат дека на Бадник во 2018-та година, поради ерупцијата на Етна беше прекинат авиосообраќајот, а четири дена подоцна земјотрес со епицентар во близина на Катанија со јачина од 4,9 степени по Рихтер го потресе островот.
Првото регистрирано сведоштво за ерупција на Етна, вулкан висок 3,300 метри, датира од 425-та година п.н.е. и иако ерупциите се чести, тие сепак не предизвикуваат голема штета.
