Според адвокатскиот тим на холивудскиот актер Џони Деп, поранешната сопруга Амбер Херд со своите лаги засекогаш му наштети на неговиот углед.
Деп покрена тужба за клевета против Херд поради напис во „Вашингтон пост“ во кој таа се опишува себеси како жртва на семејно насилство. Тој бара оштета од 50 милиони долари. Херд реагираше со контра тужба. Таа тврди дека не го навела неговото име во статијата и бара 100 милиони долари оштета.
Во своите воведни аргументи, адвокатот на Деп рече: „Денес неговото име се поврзува со лага, односно, тврдење на неговата поранешна сопруга. Ќе дознаете за време на судењето дека обвинувањата на госпоѓица Херд биле поттикнати од барањето на господин Деп за развод“.
„Никој, во последните пет децении, никогаш не го обвинил гoсподин Деп дека е насилен со жена. Избирајќи да лаже за својот сопруг за своја лична корист, Амбер Херд засекогаш ја промени репутацијата на господин Деп.“
„Ова е случај на клевета, ова е случај за тоа колку погубни можат да бидат зборовите кога се лажни и јавно изговорени. Лицето кое дава лажна изјава за некој друг треба да сноси одговорност. Тоа е затоа што зборовите се важни. Тие сликаат слика во нашиот ум“.