Десетици илјади луѓе потпишаа петиција со која бараат депортација од Швајцарија на наводната љубовница на Владимир Путин, поранешната гимнастичарка Алина Кабаева.
Како што пренесува британски „Тајмс“, во петицијата Кабаева е опишана како „сопруга на заблуден диктатор“ и се наведува дека „Ева Браун се врати кај својот фирер“.
Досега ја потпишале над 56.000 луѓе.
И весникот „Дејли мејл“ објави дека противниците на Владимир Путин и руската инвазија, меѓу нив има Украинци, Белоруси и Руси, испратија порака до швајцарските власти барајќи Алина да биде протерана од земјата.
Алина наводно се крие со своите деца во луксузна вила во Швајцарија.
„Зошто криете помагачи на режимот на Путин?“ е насловот на петицијата.
„Ние, граѓаните на Русија, Белорусија и Украина, кои моментално енормно страдаат, се обединуваме во обраќањето до швајцарските власти. Јавноста дозна дека Алина Кабаева побегнала од санкциите во вашата земја. Таа е љубовница на диктатор кој ја нападна Украина,“ се наведува во петицијата.
„Алина не е само жена чие име е извалкано од дружење со рускиот диктатор, таа е и една од иницијаторите на рускиот ‘злокобен закон’, кој спречи илјадници руски сирачиња да бидат посвоени во странство. Вие сега дозволувате таа и нејзините деца да се кријат во вашата земја.“
„Време е Ева Браун да се врати кај својот лидер“, заклучуваат тие во докуентот.
Нема проверени докази дека Алина е во Швајцарија. Изворот кој ја започна оваа приказна претходно овој месец остана анонимен.
Една од најнаградуваните гимнастичари, која освои златен медал на Летните олимписки игри во Атина во 2004 година, e романтично поврзана со рускиот претседател од 2008 година.
Кабаева (38) го привлече вниманието на швајцарскиот и меѓународниот печат во 2015 година, кога наводно родила девојче во градот Лугано, во швајцарскиот кантон Тичино. Нашироко се веруваше дека Путин е таткото на детето.
Никој точно не знае дали таа е сопруга, девојка или поранешна сопруга на рускиот претседател. Откако ја поврзаа со Путин, Алина ја нарекуваат првата љубовница на Русија.