Полицијата била подготвена да го уапси Вил Смит на доделувањето на „Оскарите“ откако актерот му удри шлаканица на комичарот Крис Рок на сцената, изјави продуцентот на церемонијата.
Во своето прво интервју по настанот во неделата, Вил Пакер изјави дека полицајците го прашале Рок дали сака тие да преземат акција. „Но, Крис го отфрли таквиот предлог“, изјави Пакер за телевизијата Еј-би-си.
Вил се извини што го удри Крис поради шега на сметка на неговата сопруга Џејда, а организаторите на „Оскарите“ – Академијата за филмски уметности и Вил Пакер – деновиве беа под лупа поради своите реакции.
Во снимка од интервју за „Добро утро, Америка“ на Еј-би-си продуцентот го раскажа разговорот помеѓу полицајците и Рок по инцидентот.
„Тие рекоа: Ова е казниво дело – противправен напад – тоа беше зборот што го употребија во тој момент. ‘Ќе одиме да го приведеме. Подготвени сме да одиме да го уапсиме веднаш. Можеш да поднесеш тужба. Можеме да го уапсиме“.
„Тие ги кажаа опциите. Но, на Крис не му се допаднаа. Тој рече: Не, добро сум. Дури и кога му реков: Рок, нека завршат! Дали сакаш да преземеме соодветни мерки? Тој рече: ‘Не. Не треба’“.
По завршувањето на доделувањето на филмските награди во неделата, портпаролот на полицијата изјави: „Лицето одби да поднесе полициска пријава.
„Доколку инволвираната страна сака полициски извештај подоцна, полицијата на Лос Анџелес (ЛАПД) ќе биде на располагање да комплетира истражен извештај“.