Се собираат донации за лекување на скопјанката застрелана во Чикаго, единствената преживеана по вчерашното убиство

пред 3 години

Преку страницата Fuindraiser од вчера се собираат донации за лекување на Ана Бранковиќ Јовановиќ (31) од Скопје, која вчера со три куршуми беше застрелана на работно место во Чикаго. Ана е единствената преживеана во вооружениот напад и до сега ѝ се направени две операции, но наскоро ќе мора да биде оперирана и трет пат, а потоа да оди и на рехабилитација.

Семејството на Ана, која пред неколку години се преселила во САД, сега преку социјалните мрежи се обидува да собере 200 илјади долари за нејзиното лекување, а за сега се собрани скоро 98.000 долари.

„Погодена е на три места, во рамото, колкок и во ногата. До сега успешно ѝ се направени две операции и следува подолг период на рехабилитации и оздравување. Ни треба вашата помош за да можеме ги подмириме болничките трошоци. Ви благодариме“, стои во повикот за донации.

Според порталот „Српски тајмс“ во пукањето што се случило вчера е убиен Никола Мишовиќ (30) од Крагуевац. Напаѓачот Џереми Спајсер (31) од Арканзас се вработил во компанијата само еден ден пред пукањето и наводно рекол дека мрзи Срби. Тој избегал од местото на убиството, а по полициска потера, се самоубил.

Американските медиуми не објавуваат многу детали за убиството во Чикаго, а полицијата за локалните медиуми вели дека откако ќе добијат изјава од Ана, би можеле да ги разјаснат случувањата.

Share
Scroll to Top