(Видео) Mercedes-Benz поради нагласени „коси очи“ повлече реклама во Кина

пред 2 години

Mercedes-Benz поради нагласени „коси очи“ повлече реклама во Кина.  Германскиот премиум бренд е последен во низата кој е вовлечен во интернет-националистичката дебата за азиските фенотипски атрибути, што како последица доведе до повлекување на рекламен видео клип од една кинеска социјална мрежа, поради (според Кинезите) контроверзното прикажување на азиските „црти“

Видеото е објавено на официјалниот Weibo профил на германската компанија, за подоцна да биде повлечено поради реакција на јавноста, објави Global Times .

„Шминката на манекенката ги нагласува косите очи, што повторно предизвика дискусии на Интернет, со тоа што многумина веруваат дека ова е западно стереотипно гледање на луѓето од Азија“, пишува кинеското издание.

На овој начин, Mercedes-Benz стана најновата мета на консумеристичкиот национализам во Кина, со кој во минатото се имаат соочено Dolce & Gabbana, Hennes & Mauritz…

Минатата недела кинеските социјални медиуми експлодираа поради наводите дека Walmart Inc. престанал да продава предмети од Шинџанг во своите Sam’s Club продавници во оваа земја. Christian Dior во ноември ја укина употребата на фотографија од манекенка, за која се тврдеше дека ги „клевети Азијатите“.

Кинеските корисници на Интернет од неодамна разговараат за начинот на кој очите на манекенките се прикажани во рекламите. Кинеската компанија Three Squirrels Inc. неодамна се извини за рекламите во кои манекенката Кај Нијанг носи шминка која ја нагласува косината на нејзините очи, објави South China Morning Post.

„Со мали очи, jaс не сум Кинескиња? Потполно се согласувам со патриотизмот. Меѓутоа, барањето проблеми во нормални работи стана морбидна опсесија“, e одговорот на манекенката на мрежата Weibo.

Daimler минатата недела објави дека ќе го намали секој удел во заедничкото вложување Denza со BYD Auto Industry Co., по повеќегодишната слаба продажба. BYD ќе поседува 90 отсто од бизнисот, а Daimler 10, по трансферот на капитал, кој компаниите планираат да го завршат во средината на 2022 година.

 

Share
Scroll to Top