Околу 500 уметници од 18 земји ќе учествуваат на 61. издание на „Охридско лето“ што ќе се одржи од 12 јули до 20 август на неколку локации во Охрид. На свеченото отворање на фестивалот, што ќе се одржи на Антички, ќе настапи Националната опера и балет со проектот „Големиот Чајковски“.
Ова е балетската трилогија со најубавите дела на рускиот композитор Петар Илич Чајковски: „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“. На отворањето ќе бидат изведени и делови од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“, а ќе настапат повеќе од 90 уметници, балетски првенци, солисти, како и ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет, предводени од диригентката Бисера Чадловска.
На годинашното Охридско лето ќе има врвни концерти со познати светски имиња, но и македонските умнетици со светска слава, домашни национални оркестри.
Концертот „Танец и Ладо под ѕвездите“ на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ и Ансамблот на народни игри и песни „Ладо“ од Хрватска, кој ќе се одржи на 28 јули, ќе биде со хуманитарен карактер, а средствата од купените билети ќе бидат донирани во здравството.
Во музичката програма ќе настапат Александар Штаркман, Ѓуљсин Онај, Вихан квартет, Даниел Родан, Стојан Димов и Дино Имери, гудачки квинтет на филхармонијата од Загреб, Алесандро Фатони и Џорџо Мартану и многу други.
Во драмската програма на фестивалот, претстави ќе изведат неколку македонски театри, но и двете најголеми театарски куќи од Србија, Српско народно позориште од Нови Сад и Југословенско драмско позориште од Белград, а Иван Босиљчиќ ќе чита поезија од Блаже Конески.
