Откако на социјалните мрежи вчера почна да се споделува фотографијата од Ембла, девојчето со Даунов синдром од Гостивар, која сама во училница го почна второто полугодие, таа доби огромна поддршка. Со пораки дека инклузивноста е важна и секое дете заслужува еднаков третман, јавноста ги осуди родителите на децата од одделението на Ембла кои ја бојкотираа наставата. Еден ден откако веста за бојкотот на родителите одекна во јавноста, од Општина Гостивар подготвија специјална просторија каде што Ембла ќе учи со асистентка.
„Денеска почна второто полугодие за сите деца и соученици на ќерка ми, а само нашата Ембла не уживаше во овој ден затоа што некој го прекина ова чувство. Додека сите уживаат во тоа што за нивните деца започна второто полугодие од училишната година, нашата ќерка беше бојкотирана во првото полугодие од родителите (мајките) на соучениците“, напипша на Фејсбук таткото на Ембла, Илир Адеми.
Тој откри дека родителите на децата што учат со Ембла, пред почетокот на полугодието поднеле петиција девојчето да се отстрани од класот, бидејќи наводно, се однесувала агресивно со останатите. Тие не ги пуштиле своите деца во училиште, па Ембла вчера беше сама во училницата.
Денеска, откако се најде решение, таткото на Ембла вели дека е задоволен што се создадоа услови неговата ќерка да оди нормално на училиште. Тој посакува случајот со неговата ќерка да биде последен ваков случај кај нас.
„Го поздравувам градоначалникот Таравари кој беше посветен на случајот со мојата ќерка и му благодарам што се заложи за решавање на овој проблем. Се надевам дека овој случај ќе биде последен со овие деца и не само за мојата ќерка, туку за сите“, вели Адеми.