Медиумите коментираат дека ретко кој остана рамнодушен на актерските способности на поп-ѕвездата Лејди Гага, а откако воодушеви во филмот „Ѕвездата е родена“ за кој доби и „Оскар“ за најдобра песна, тоа го повтори и во „Куќата Гучи“.
Многу фанови а и филмски критичари ја пофалија нејзината глума во филмот за модната династија Гучи, како најдобро нешто од филмот.
Во интервју за „Дедлајн“, таа призна дека ѝ се допаднал предизвикот и откако видела како се прават филмови, може да се види себеси во улога на режисер: „Заинтересирана сум, да. Но, тоа е нешто што треба да го вежбам и да станам прецизна и вешта. Никогаш не би можела да бидам одлична во нешто што не сум го проучила доволно.“
Гага, која претходно режирала некои нејзини спотови, додава: „Снимав кратки филмови за моите спотови и многу ги сакам. Но тие се засекогаш мои и дел од мојот живот. Да раскажам приказна, според мене, бара автентичност и знаење за снимање филм, и тоа е нешто што би сакала да го проучам на ист начин како што проучував глума“.
На крајот додаде дека тоа е работа на која треба да ѝ посвети значаен дел од животот, ако не и целиот свој живот, исто како што тоа го прават вистинските уметници.