Оскари 2022: „КОДА“ победи во категоријата најдобар филм

пред 3 години

Американската Академија за филмски уметности и науки синоќа по 94. пат ги додели наградите за најдобри филмски остварувања.

Победник, односно филм на годината е „КОДА“, во кој глумат неколку лица со оштетен слух. Освен главниот „Оскар“ за филм на годината, актерот Трој Коцур стана второ лице со оштетен слух во историјата воопшто добитник на „Оскар“ за споредна улога, по неговата колешка во филмот, Марли Матлин, глува актерка која точно пред 35 години доби „Оскар“ за главна улога за филмот „Деца на помалиот Бог“.

Научнофантастичната сага „Дина“доби шест „Оскари“ од можни 10 номинации, меѓу кои за монтажа, визуелни и звучни ефекти.

Џејн Кемпион доби “Оскар“ за најдобра режија за „Моќта на кучето“. Филмот доби само еден „Оскар“ од рекордните 12 номинации.

„Оскарот“ за најдобра ктерка во главна улога заврши во рацете на Џесика Честејн, за филмот „Очите на Теми Феј“.

Вил Смит го освои својот прв „Оскар“за најдобар актер во главна улога, за филмот „Крал Ричард“.

Повеќе светски медиуми кои известуваа во живо од синоќешниот холивудски спектакл коментараа: „За жал, триумфалната победа на ‘КОДА’ беше целосно засенета од Вил Смит, кој му удри шлаканица на комичарот Крис Рок.“

Медиумите, исто така, потенцираат дека овогодинешната церемонија беше и трка на стриминг-платформите. „Кода“ на „Епл“ го победи „Моќта на кучето“ на „Нетфликс“ со историското освојување на „Оскар“.

Филмот на „Епл ТВ“, за тинејџерка која се соочува со дилема дали да ги оствари своите музички соништа или да остане дома со своите родители со оштетен слух, стана први филм за стримување кој освоил „Оскар“ за најдобар филм.

Претходно сметан за аутсајдер, „Кода“ го победи претпоставениот фаворит, меланхоличниот вестерн на Нетфликс, „Моќта на кучето“.

Share
Scroll to Top