Првиот човек во вселената: Пред 60 години Јуриј Гагарин ја прелета орбитата на Земјата

пред 3 години

Русија денес ја слави 60-годишнината од испраќање на првиот човек во вселената.

Космонаутот и советски херој, Јуриј Гагарин е првиот човек што патувал во вселената, постигнувајќи голема пресвртница во Вселенската трка со Америка. Со неговата капсула „Восток 1“, тој за само 108 минути ја прелетал Земјата.

„Годишнината на вселенскиот лет е ‘Ден на национална гордост“ за Русија“, рече во петокот гласноговорникот на Путин, Дмитриј Песков.

Ракетата „Восток 1“ со тогаш 27-годишниот Гагарин беше лансирана на 12 април 1961 година од космодромот „Бајконур“ во Казахстан, тогаш дел од СССР.

Летот на Јуриј секоја година се слави во Русија како Ден на космонаутиката. А пак, четири години претходно, 1957, СССР веќе беше првата земја што испрати сателит во орбитата, наречен „Спутник“.

Капсулата на „Восток“ е изложена во московскиот Музеј за космонаутика, каде што неделава се отвора и изложба за Гагарин. Посетителите ќе можат да видат документи, фотографии и лични предмети на астронаутот, од коишто некои се и од неговото детство. Гагарин почина 1968 година во авионска несреќа.

 

„Мислам дека подвигот на Гагарин, заминувањето на човек во вселената по првпат, ги обединува сите Руси“, истакна Вјачеслав Климентов – историчар и заменик директор во Музејот во Москва.

Точно 60 години подоцна, Русија продолжува редовно да испраќа свои космонаути на Меѓународната вселенска станица (МВС). Во петокот, руско летало „Сојуз“, украсено во чест на Гагарин, полета од „Бајконур“ со двајца Руси и еден Американец во посадата – Олег Новицки и Пјотр Дубров од Роскосмос и Марк Ванде Хеј од НАСА.

Share
Scroll to Top