Веста дека популарниот бренд за брза храна ги затвора сите свои продажни места во Русија предизвика редици луѓе пред рестораните.
На социјалните мрежи се појавија фотографии и видеа од Руси кои чекаат на ред пред рестораните на „Мекдоналдс“. Додека повеќето од нив сакаа да го вкусат омилениот оброк, многумина открија дека ова е можност да заработат дополнителни пари.
Како што пренесува британски „Индепендент“, сендвичи, сосови и разни додатоци од „Мекдоналдс“ се нудат преку интернет, откако компанијата објави дека ја напушта Русија.
На руската страница за онлајн продажба Avito.ru може да се најдат бројни производи од „Мекдоналдс“, од целото Мек-мени до сосови, па дури и шеќер.
„Продавам ретко пакување појадок од Мекдоналдс. Ова ќе ве загрее со спомени од старите денови“, напишал еден огласувач покрај огласот објавен во средата. Цената на пакувањето е 5000 рубљи (околу 35 евра).
„Продавам легендарен пакет од Мекдоналдс, нема да ги има повеќе, ова е последна шанса да го продадам по поволна цена“, напишал друг со фотографија од Мек-мени, што се продава за 8.000 рубљи (околу 53 евра). „Купете го додека е топло!“
Некои продаваат чизбургери, пилешки хамбургери, Биг Мек, нагети…Кесичка шеќер Мекдоналдс може да се купи за 1.000 рубљи, а има и пита со вишни и големи пакувања познати сосови.
Мекдоналдс во вторникот објави дека привремено ги затвора сите 847 ресторани во Русија како одговор на рускиот напад на Украина. Извршниот директор Крис Кемпчински соопшти дека синџирот ќе паузира со работа во Русија, но ќе продолжи да ги плаќа своите руски вработени. Непрофитната организација „Роналд Мекдоналд хаус“ ќе продолжи да работи.