Семејството на убиената кaмерманка Халина Хачинс во вторникот поднесе тужба против актерот и продуцент на вестернот Rust, Алек Болдвин, и другите продуценти, обвинувајќи ги дека се одговорни за трагедијата што се случи за време на снимањето на филмот.
Во тужбата се наведува дека фаталниот инцидент е резултат на мерките за намалување на трошоците и несовесното однесување на Болдвин и другите.
Тужбата е поднесена во округот Санта Фе, Ново Мексико, во име на Метју Хачинс, сопруг на починатата снимателка и нивниот деветгодишен син.
Во тужбата се наведува дека Болдвин и другите продуценти на нискобуџетниот филм ја жртвувале безбедноста на членовите на екипата ангажирајќи неискусни технички лица и занемарувајќи ги поплаките на камерманите во врска со безбедноста при снимање.
„Халина Хачинс заслужуваше да живее, а обвинетите имаа моќ да ја спречат нејзината смрт доколку се придржуваа на својата должност да ја заштитат безбедноста на секој поединец на сет каде што има оружје наместо да ги намалуваат безбедносните процедури. Засегнатите страни брзале да го испочитаат распоредот за снимање и ги игнорирале бројните поплаки за безбедносни прекршувања,“ стои во тужбата против Болдвин и останатите продуценти на филмот.
Тужбата префрла голем дел од вината на Болдвин, кој, според тужбата, одбил обука за маневрот „вкрстено извлекување од футрола“ што го вежбал тој ден – на само четири метри од Хачинс и другите членови на екипата.
„Многу луѓе се виновни за смртта на Хачинс, но Болдвин е лицето кое го држело оружјето“, рече адвокатот на семејството Брајан Паниш од Лос Анџелес за време на прес-конференција.
Тужбата е најнова во бранот судски спорови против продуцентите на Rust. Фаталниот инцидент што се случи на 21 октомври предизвика шок во Холивуд и ги обнови повиците за построги мерки за безбедност на оружјето на филмски сетови.
Хачинс (42) настрада кога Болдвин за време на проба извадил реквизит-пиштол од футрола и го испукал кон неа, иако тој тврди дека воопшто не го повлекол орозот.