Случај клевета: Поротата ги слушна СМС-пораките на Џони Деп

пред 3 години

Адвокатите на поранешната сопруга на Џони Деп, Амбер Херд, вкрстено го испрашуваа холивудскиот актер во рамки на судскиот процес по тужбата за клевета, покажувајќи им на поротниците графички текстуални пораки во кои Деп го спомнува „чудовиштето“ во себе кое морал да го држи под контрола.

Деп (58) ја тужи Херд (35) и бара оштета од 50 милиони долари поради текст објавен во „Вашингтон пост“ во 2018 година, а во кој таа пишува за нејзиното искуство со семејно насилство. Деп не се споменува по име во овој текст, но претходните настани укажаат за кого станува збор.

Во тужбата, Деп наведува дека написот на Херд довел до финансиски загуби за него, вклучително и исклучување од идните филмови „Пиратите од Карибите“, сериалот во кој тој беше главен протагонист 15 години.

Во своето сведочење Деп призна дека тој и Херд имале тешки расправии но беше дециден дека никогаш во својот живот не дошол до точка да удри жена.

Во судницата во Вирџинија во петокот, адвокатите на Херд презентираа мејлови и текстуални пораки што Деп ги испраќал до Херд, пријателите, семејството и соработниците, а во кои доминираат навредливи и вулгарни описи.

„Бевме супер. Сè што требаше да направам е да го избркам чудовиштето и да го затворам, бевме посреќни од кога било“, му пишал порака на поранешен бодигард во 2015 година, набргу откако тој и Херд се венчале.

Во порака до еден од неговите лекари, Деп вели: „Го заклучив моето дете-чудовиште во кафез длабоко во себе и тоа е*ано функционираше“.

Во други пораки, Деп ја нарекува Херд „гнасна курва“ и со други погрдни зборови, и вели дека сака да ја види мртва.

Адвокатот потоа ги прочита пораките што Деп му ги праќал на актерот Пол Бетани во 2013 година додека сè уште бил во врска со актерката.

„Ајде да ја удавиме пред да ја запалиме,“ му пишува Деп на Бетани.

Деп, кој му се извини на судот за несоодветните зборови од пораките, потврди дека нивната содржина е вистинита и дека биле испратени пред парот да се венча. Тој рече дека не е горд на вокабуларот што го користел во гнев.

На поротата ѝ беше прикажано видео, снимено од Херд, на кое се гледа како актерот ги крши и клоца во кујнските елементи во неговиот дом во Западен Холивуд.

Share
Scroll to Top